Комисија ќе ги преиспита сите неправилности и недостатоци по пријавените стомачни тегоби на лица од Воената академија и Министерството за одбрана ги презема сите потребни мерки по немилиот настан.
Според неофицијални информации кои ги пренесува КУРИР, договорот со фирмата која носи храна ќе биде раскинат по сите правни постапки.
-Во врска со пријавите за стомачни тегоби на лица од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ и Воено медицинскиот центар во касарната „Боро Менков“ во Куманово, пријавени на 12-ти септември, а поврзани со организираната исхрана на припадниците во Армијата и Министерството за одбрана, министерството ја информира јавноста дека е формирана Комисија која има за цел преиспитување на сите неправилности и недостатоци од Договорот, информираа денес од Министерството за одбрана.
Комисијата е во состав на одговорни лица од сите сектори и секции од Министерството и Генералштабот на Армијата.
-Доколку се утврдат неправилности или недостатоци во однос на реализација на склучениот договор од страна на фирмата, министерството ќе преземе мерки за раскинување на Договорот, се наведува во соопштението од Министерство за одбрана.
Да потсетиме, на 12-ти септември во раните утрински часови дваесет питомци и двајца офицери на Центарот за обука на питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ се пожалиле на мачнина проследена со повраќање.
Најнапред тројца питомци се пожалиле на мачнина проследена со повраќање по што итно биле пренесени на Инфективната клиника при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде од страна на дежурниот доктор биле прегледани и двајца биле вратени назад во единица без конкретна дијагноза, а еден питомец беше хоспитализиран.
Подоцна уште седумнаесет питомци и двајца офицери се пожалиле со истите симптоми, по што сите биле однесени на Инфективната клиника, каде биле третирани од страна на медицинскиот персонал и откако им била констатирана стабилна состојба биле пуштени назад во единицата.
По добиената информација од страна на министерството веднаш е побарано Воено медицинскиот центар заедно со инспекторите од Центарот за Јавно здравје и од Агенцијата за храна и ветерина да истражат на што се должи овој случај.
Направен беше и вонреден хигиенски епидемиолошки надзор од страна на екипи од Центарот за јавно здравје, Институтот за јавно здравје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и од Агенцијата за храна во касарната „Гоце Делчев“ каде се наоѓа Воената академија, и од страна на Воено медицинскиот центар во касарната „Боро Менков“ во Куманово, каде исто така 4 лица се пожалиле на стомачни тегоби, при што се земени контролни примероци за испитување.
Кујната беше затворена.
Сега се очекува Комисијата да донесе официјален извештај, по кој Договорот може официјално да биде раскинат.