На претседателската инаугурација на Џо Бајден, вниманието го привлекоа и комбинациите облека на првата дама Џил Бајден, на потпретседателката Камала Харис, сопругата на поранешниот претседател Барак Обама, Мишел и поранешната државна секретарка на САД Хилари Клинтон…
За разлика од Меланија Трамп, која најмногу избираше облека потпишана од европски дизајнери, повеќето дами вчера се одлучија за домашни, американски дизајнери на вчерашната церемонија.
Џил Бајден носеше сино палто од твид со ревери и плишани манжетни, од дизајнерката Александра О’Нил од Колорадо, што ја претставува американската марка „Маркаријан“. Фустанот ѝ беше украсен со кристали и бисери од „Сваровски“. Камала Харис го привлече вниманието со нејзината комбинација во виолетова боја. Таа носеше палто и фустан дизајниран од дизајнерот Кристофер Џон Роџерс од Лујзијана.
Си-ен-ен забележува дека тоа што дамите се одлучија за домашни креатори, испраќа сигнал дека Белата куќа, се чини, ќе биде свртена кон американските вредности. Камала Харис не беше единствената во виолетова боја. За таа боја се одлучија и Мишел Обама и Хилари Клинтон. Виолетовата боја во САД, меѓу другото, било официјалната боја на движењето за правото на жените на глас и ја симболизира посветеноста на борбата за нивните права.