Да се отстрани мерката 115 од Програмата за рурален развој 2018-2021 која се однесува на поддршка на активен женски член во земјоделското домаќинство, но каде услов е жената да е во брак, да има родено едно дете, да е невработена, домаќинка и да живее во населено место од 200 жители на надморска височина од 700 метри, жените да добијат 55 отсто покривање на инвестицијата исто како младите, како и да се креира стратегија за обезбедување пристап до право на земјиште и сопстевност на имот за жените од руралните средини.
Ова се само дел од барањата на жените – земјоделки што денеска ги изнесе претседателката на Националната федерација на фармери (НФФ) Васка Мојсовска.
Квалификувајќи ја како дискриминаторска мерката 115, Мојсовска пред годишниот состанок на жените-фармери што се одржа на Факултетот за земјоделски науки и храна истакна дека жените во руралните средини се невидливи, маргинализирани и оставени сами да се борат за опстанок. Заборавени се од сопствената држава. Нивната „перспектива“ е социјална исклученост, невработеност, полова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционални норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, лишување од правото на породилно отсуство, ограничени пристапи и понуда за образование, информации, јавни и социјални услуги и здравствена заштита.
-Бараме од Владата да воспостави сет економски мерки за зголемување на можностите за вработување на жените во руралните средини, мерки со кои ќе се препознае неплатениот труд на жените за грижа за семејството и земјоделската работа и решенијата за руралните жени кои не ги исполнуваат условите за пензија да имаат право на пензија, како и решавање на проблемот со пречките за правото на породилно отсуство и мерки кои ќе дадат ефект за развојот на жената во Програмата за рурален развој и земјоделство, потенцира Мојсовска.
Според неа, неопходно е поголемо вклучување на жените во креирањето на земјоделските политики, но и нивно активно инволвирање во процесите на одлучување за рурален развој на локално и национално ниво. Три до четири жени во руралните средини не се платени, а највисоките стапки на невработеност се кај младите рурални жени.
Околу 64 проценти од жените во руралните средини не се активни на пазарот на трудот заради нивниот ангажман во домаќинството и грижата за децата, а 47 отсто од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејни фарми. Податоците покажуваат дека жените во руралните средини поминуваат најголем дел од своето време, вкупно четири часа, на неплатени активности во домаќинството, додека трошат по еден час дневно на активности кои им овозможуваат да остварат финансиска добивка.
-Нашите барања се дадени и како препораки од страна на Обединетите нации, каде што НФФ поднесе извештај до Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација на жените кој ја следи имплементацијата на Конвенцијата за елеиминација на дискриминацијата на жените ратификувана од РМ во 1994 година и сите наши барања Комитетот на ОН и препорача на нашата Влада да ги импементира во мерки за подобрување на економската и социјалната положба на жените во руралните средини, информира Мојсовска.