Трите најголеми верски заедници во земјава, Македонска православна црква, Исламската верска заедница и Македонска католичка црква, денеска во повеќе верски објекти одржаа обреди посветени на мир во Украина и светот.
Молитви за мир в Украина, за мир во целиот свет, денеска се одржаа засебно во храмовите на најголемите верски заедници во Македонија. Во Соборниот Храм во Скопје веднаш по светата утринска литургија, во присуство на верници се отслужи Молебен.
„Нека Господ ги ислуша молитвите на сите нас, нека не помилува и спаси, нека ни подари мир и љубов во целиот свет.“
Таму беа и претставници на украинската заедница во земјава. Се уште се многу вознемирени од случувањата во Украина и сликите што ги гледаат оттаму.
„Да се помолиме да се заврши не само оваа војна туку и другите војни. Да не се почнуваат војни. Да се научиме да живееме мирно, трудољубиво, со сакање кон своите блиски и другите луѓе.“
Во Католичката Црква, бискупот Киро Стојанов повика на мир во Украина. Пред верниците кои присуствуваа на молитвата рече дека мирот е неопходен.
„Но да се молиме за Украина, овој неопходен мир кој што е потребен. Сите ние знаеме за сите ужаси кои се случуваат таму. А единствен кој може да го подари тој мир и да го даде е Господ Бог.“
Меѓу верниците кои беа на молитва во Католичката Црква беше и украинската амбасадорка во земјава Наталија Задорожњук. Според информациите на амбасадата, во земјава пристигнале околу 500 Украинци, повеќето од нив сместени кај пријатели и роднини.
„Нашите желби и мисли се во Украина. Вие знаете дека е страшна војна во 21 век во Европа. Не само што војуваат војниците, ги убиваат и цивилите. Околу 500 жени и деца беа силувани од руските окупатори. Ова е страшно.“
Молитви за мир попладнево се одржаа и во верските објекти на исламската верска заедница.