Единаесет лица загинаа, а четворица се повредени во пожар во бар во северниот мексикански пограничен град Сан Луис Рио Колорадо.

Се претпоставува дека пожарот бил подметнат со Молотов коктел од еден од гостите, откако бил исфрлен од локалот поради наводно непочитување на жените, соопштија надлежните.

Државните обвинители во мексиканската држава Сонора соопштија дека тоа го покажуваат прелиминарните наоди и дека еден осомничен маж е уапсен.

Една од жртвите е американска државјанка, која најверојатно имала и мексиканско државјанство, а друга од жртвите имала само 17 години, изјави државниот обвинител.

Осомничениот е млад човек кој вчера во алкохолизирана состојба го подметнал пожарот, фрлајќи некаков Молотов коктел врз вратата од локалот, се наведува во соопштението на обвинителот.