Речиси со идентично сценарио со претходните протести на опозицијата, пред владата во Тирана, вечерва се одржа протестот на опозицијата, со фрлање молотови коктели и пиротехнички средства врз објекот, веднаш по говорот на лидерот на демократите Сали Бериша, а продолжи со насилното однесување и пред парламентот.

Брзата интервенција на полицијата, со водени топови и солзавец, услови насобраните граѓани да се оддалечат од местото на протестот и заедно со Бериша да се упатат кон зградата на парламентот, каде протестантите создадоа хаос со обид за пробивање на полицискиот кордон, се судрија со полицајците, фрлаа молотови коктели. И тука полицијата употреби солзавец и водени топови. Попатно протестантите запалија и контејнери за отпад.

Одржувањето на четврт по ред или трет годинава, национален протест, се совпаѓа со датумот на уривањето на споменикот на диктаторот Енвер Хоџа на плоштадот „Скендербег“ во Тирана на 20 февруари 1991 година, што се смета за чин на кулминација на протестите на студентите и граѓаните, отворајќи го патот за политички плурализам и конечен колапс на тоталитарниот режим.

Токму на овој датум Бериша посвети посебно внимание, нарекувајќи го денешниот „втор историски протест за уривање на диктатура“.

– Не ни помислував дека по 35 години повторно ќе бидеме на улица, овој пат да го урнеме вториот диктаторски режим, не идентичен со оној на Хоџа, но сличен по многу аспекти. Хоџа убиваше, затвораше невини граѓани, Рама ги истера Албанците од нивната земја, украде милијарди и милијарди евра, средства на граѓаните, за изградба на својот рај. Власта на Рама е столб на срамот. Се колнеме пред албанскиот народ дека деновите на Рама се избројани. Тој е политички мртовец, рече меѓу другото Бериша, кој по занимање е кардиолог а во времето на Хоџа беше негов личен доктор.

Ние сме ураган и ќе ја спасиме Албанија, додаде, ветувајќи дека на албанските граѓани ќе им ја вратат демократијата, слободните избори, надежта.

Повеќето говорници, во своите обраќања, побараа „техничка влада и избори без Рама како премиер“, итна оставка од премиерот Еди Рама и вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку а учесниците во протестот постојно извикуваа „Рама оди си“.

Демократите најавија продолжување на протестите и нивно радикализирање.

Иако полицијата не дала дозвола за негово одржување, сепак, министерството за внатрешни работи имаше ангажираше над 1600 полицајци, како и припадници на специјалните единици.