Министерството за образование и наука денеска информираше дека на учениците и студентите кои имаат право на стипендија веќе им се исплатени три месечни износи кои им следуваа за 2020 година.

– Во последниот квартал на 2020 година, Министерството за образование и наука изврши целосна промена на начинот и динамиката на исплата на средствата за ученички и студентски стипендии. Повеќе нема доцнење на исплатата, односно на префрлање на средствата на сметките на корисниците како што се случуваше во минатото, се наведува во соопштението од МОН.

Оттаму најавуваат дека редовната динамика на исплата на стипендиите ќе продолжи и во иднина и оти унапредувањето на ученичкиот и студенскиот стандард ќе остане еден од приоритетите во новата година.

– Буџетот за оваа намена е креиран согласно реалните потреби на младите, на учениците и студентите и во насока на нивна стимулација за постигнување што поголеми и подобри резултати во текот на образованието, велат од МОН.