Министерството за образование и наука објави повик за полагање приемен испит на учениците што се заинтересирани за запишување во Математичко-информатичката гимназија во учебната 2026/2027 година.
Приемниот испит се состои од полагање тестови во согласност со наставните програми по математика од VI до IX одделение и наставните програми по физика за VIII и IX одделение.
-Кандидатот писмено се проверува со два поединечни теста по математика и по физика и секој од нив треба да содржи по четири задачи со понудени одговори, четири задачи со дополнување и четири задачи со целосна постапка на решавање. Писменото проверување за секој предмет (математика и физика) треба да трае по 120 минути, се наведува во јавнот повик.
Приемниот испит учениците ќе го полагаат во средното училиште „Здравко Цветковски“- на 5 јуни 2026 од 10 часот е полагањето на тестот по математика и на 10 јуни 2026 од 10 часот е испитот по физика.
Според Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта во учебната 2026/2027 година, кој МОН го објави во вторникот, за Математичко-информатичката гимназија се предвидени места за 68 ученици во две паралелки (34 ученици во паралелка со настава на македонски јазик и 34 ученици во паралелка со настава на албански јазик).
-Во Математичко-информатичката гимназија се запишуваат редовни ученици кои завршиле основно образование, стекнале оценка за општ успех од најмалку 4,5 од шесто до деветто одделение и оценка 5 за наставните предмети математика од шесто до деветто одделение и физика од осмо и деветто одделение и кои ќе достават потврда со бројот на освоени бодови од приемниот испит, наведува МОН.
Во објавениот повик е наведено и на кој начин учениците треба да се пријават за полагање на приемниот испит, кој е услов потоа, во јунскиот уписен рок, да конкурираат за запишување во Математичко-информатичката гимназија. До 30 мај 2026 трае пријавувањето на кандидатите за полагање приемен испит.
Фото: веб-страница на Математичко-информатичка гимназија




