Според преподобниот Исак Сирин, човекот се состои од душа и тело. Човекот, како што говори тој, создаден е на таков начин, така што духовното треба да има првенство над телесното, но не е така. Навистина, во почетокот духот имал првенство и бил господар над телото, но со паѓањето на човекот во грев, телото (плотта) го презело првенството над духот. Со гревот сите духовни сили се разградиле, па човекот паднал во гревовна и ненормална состојба. Според свети Исак, за да се врати човекот во првобитната состојба, потребно е покајание и вера во светото Евангелие, потребен е личен напор и подвиг во борбата со гревот. Ние мораме да се зацврстуваме во добродетелите во содејство со Божјата благодат. Во постојаната борба со непријателот на нашето спасение – ѓаволот и гревовите, ние постојано јакнеме сè повеќе и на таков начин постигнуваме повисок степен на скапоцениот живот и се искачуваме „од сила во сила“. Така, ние постојано тежнееме кон единство со Бога и ја победуваме својата грешна природа, достигнуваме блаженство и достигнуваме животна цел и назначување.
Според Исак Сирин, постојат три степени во моралниот живот, кои постепено го воведуваат човекот од несовршенство во совршенство.
Првиот степен е оној, во кој преовладува телото и гревовната содржина. Светите отци него го нарекуваат „плотски“ или „противприроден“ степен;
Вториот степен е борбата со гревот и зацврстувањето во добродетелите, каде што се изедначува телесната и духовната страна на човечката природа;
Третиот степен е вишиот духовно-созерцателен живот, каде што преовладува духот. Свети Исак Сирин него го нарекува „духовен“ или „натприроден“ степен.
ПРВИОТ СТЕПЕН
Светителот бил убеден дека секој човек, во својата падната природа, носи наклонетост кон гревот. При една ваква состојба, постои активно влијание на светот и ѓаволот врз човекот. Ѓаволот постојано се труди да ја поддржи ваквата гревовна состојба кај човекот. Под влијание на светот и ѓаволот, оваа човечка наклонетост кон гревот, на крајот преминува во состојба на мисловна страст, а преку направеното дело се појавува како грев. Кога гревот ќе завладее со нашето тело и душа, тогаш почнува да произведува погубителни последици, со тоа што ги разорува силите и својствата на нашата природа. Постојано грешејќи, ние едвај можеме да го забележиме во нас вроденото добро, па иако сме во гревовна состојба, сепак, тоа добро е присутно во нас. Значи, човекот од раѓањето има наклонетост кон гревот, а во почетокот таа наклонетост во нас стои како „мртов грев“. Кога тој првороден грев, мртов грев, или како уште се нарекува „наклонетост“, добива повод, кога ќе биде предизвикан на дејство, па тогаш пламнува во жив развој, се остварува и ја открива целата своја суштина. Како што рековме, гревовната наклонетост не ги поттикнува внатрешните, туку надворешните искушенија, кои со полна согласност на волјата преминуваат во дела. Внатрешната наклонетост е најважна за извршување на гревот, зашто ако ја нема неа во нас, тогаш надворешните искушенија, светот и ѓаволот, не би можеле никако да дејствуваат врз нас. Свети Исак Сирин говори: „Додека го носам врз себе Адамовиот образ, неопходно ги носам во себе и Адамовите страсти“.
Со паѓањето во грев заразена е волјата, која дотогаш постојано била насочена кон вишиот духовен свет. Во гревот, човекот се наоѓа во плотскиот свет, кој е во нижа и неприродна состојба. Како разултат на постојаното тежнеење кон телесното, плотското, човекот слободно може да се нарече – плотски. Свртен кон плотското, влијанието на светот врз човекот постанува сè посилно и светот, со својата богата разноликост го опседнува човекот, па така врши и големо влијание врз душата. Тоа влијание се извршува преку сетилата, со кои душата е презафатена со материјалниот свет, а не со духовниот. Мораме да нагласиме и да го разграничиме тоа, дека светителот не ја смета материјата за зло. Тој пишува дека виното, жените, богатството, телесното задоволство и др. не се грешни сами по себе, туку злото се состои во тоа што материјата лесно потпаѓа и се соединува со грешните страсти.
Страстите претставуваат внатрешен, моќен придвижувач на гревовната наклонетост. Според својата содржина, тие можат да бидат телесни и духовни, или заедно измешани – телесно-духовни. Тие се раѓаат и во душата и во телото, и тоа во безбројни форми. Страстите ги раѓаат гревовите. Гревот не се случува без договор со страстите. Кога страста ќе созрее, тогаш настанува гревот. Наклонетоста кон гревот е основа за страстите на душата, корен на гревот и негова сила, која го раѓа. Гревовите и нивниот степен се условени од нивното учество, со содејство на слободната волја, внатрешните чувства и силата на развивањето на гревот.
Од погоре кажаното, може да се заклучи дека има гревови кои ги правиме свесно и слободно, а има и гревови кои ги правиме според нашата немоќ, од незнаење и не со слободна одлука. Направените според немоќ треба да бидат простени, а оние, кои се направени според слободна одлука, треба да заслужуваат казна. Гревот длабоко проникнал во сите човечки клетки, менувајќи го целото негово битие и сите душевни сили. Во умот гревот е причинител на заборавот, или, пак, исчезнале знаењата, кои ги имал претходно. На таков начин во срцето се создаваат многу наслади, а во волјата многу поседувања, односно, волјата постанува презафатена од разни и непотребни нешта.
Човечкиот ум е во гревовна состојба и како таков постојано е насочен кон надворешниот свет. Умот е преокупиран и насочен кон она, што му пренесуваат сетилата, а тоа се мноштво најразлични земни нешта. На таков начин мислите во умот се врзуваат и кружат, па ги раѓаат страстите. Страстите се раѓаат во умот и не можат да се појават без кружење на мислите. Доколку умот лебди и кружи по разновидните и безбројни нешта од видливиот свет, не задржувајќи се долго ни на една, дотолку повеќе слабее, ја губи својата моќ и го помрачува сознанието.
Срцето (чувството). Како што умот лебди и кружи по предметите од видливиот свет, така и човечкото срце (чувството) е расеано и пусто. Празнината на срцето во ништо не Го следи Бога. Срцето се радува и тежнее за задоволство по многу најразновидни нешта. Нормално, тоа во нас создава ладен однос кон Бога. Во ваква состојба, човечкото срце е исполнето со страсти и опстанува ладно и бесчувствително кон секое добро. Од тежнеењето за задоволство следува горчината, па затоа срцето доаѓа до состојба на заматеност.
Човечката волја е во грешна состојба. Таа се одрекла да ја исполнува Божјата волја, па на таков начин преминала во самоволие и самоугодување. На таков начин волјата е свртена во потрага по своите желби и страсти. Токму затоа таа е расеана и распната меѓу земните творби и влијанијата на страстите. Затоа човекот самиот се прави да биде неспособен да владее со своите мисли, чувства и желби.
Страстите се неприродни и противприродни во човекот. Доброто е природно, а гревот-злото, е неприродно во човекот. Страстите дејствуваат во секого, кој на себе носи тело, сакал тој, или не сакал. Почетокот и коренот на страстите е во телото, а душата ги прифаќа преку соединувањето со телото. Страстите не се ништо природно во нашата душа. Ако во душата тие би биле природни, тогаш, зошто душата од нив би претрпела штета. Според тоа, страстите и гревовите се неприродни за човечката душа, па затоа гревовната состојба на човечката душа е наречена плотска, противприродна или неприродна состојба.
Иако човекот се наоѓа во страстна, плотска состојба, сепак, нашиот ум има природна моќ да тежнее кон созерцавање на Бога и може сам од себе да се придвижи кон добро. Тоа го може, зашто доброто е всадено во нашата душа. Од тоа се раѓа верата и стравот од Бога – чувствата кои ги имаат сите луѓе. Значи, според Исак Сирин, човекот го носи во себе како природно она што е добро, а страстното и она што е зло – како неприродна состојба. Наоѓајќи се меѓу овие две состојби на природно и неприродно, човекот не може да се ослободи од второто, без помош од страна. Таа помош на христијаните им е дадена во светите Тајни и во искупувањето воопшто.
(Продолжува)
Извор: Благовести