Според преподобниот Исак Сирин, човекот се состои од душа и тело. Човекот, како што говори тој, создаден е на таков начин, така што духовното треба да има првенство над телесното, но не е така. Навистина, во почетокот духот имал првенство и бил господар над телото, но со паѓањето на човекот во грев, телото (плотта) го презело првенството над духот. Со гревот сите духовни сили се разградиле, па човекот паднал во гревовна и ненормална состојба. Според свети Исак, за да се врати човекот во првобитната состојба, потребно е покајание и вера во светото Евангелие, потребен е личен напор и подвиг во борбата со гревот. Ние мораме да се зацврстуваме во добродетелите во содејство со Божјата благодат. Во постојаната борба со непријателот на нашето спасение – ѓаволот и гревовите, ние постојано јакнеме сè повеќе и на таков начин постигнуваме повисок степен на скапоцениот живот и се искачуваме „од сила во сила“. Така, ние постојано тежнееме кон единство со Бога и ја победуваме својата грешна природа, достигнуваме блаженство и достигнуваме животна цел и назначување.

Според Исак Сирин, постојат три степени во моралниот живот, кои постепено го воведуваат човекот од несовршенство во совршенство.

Првиот степен е оној, во кој преовладува телото и гревовната содржина. Светите отци него го нарекуваат „плотски“ или „противприроден“ степен;

Вториот степен е борбата со гревот и зацврстувањето во добродетелите, каде што се изедначува телесната и духовната страна на човечката природа;

Третиот степен е вишиот духовно-созерцателен живот, каде што преовладува духот. Свети Исак Сирин него го нарекува „духовен“ или „натприроден“ степен.

ТРЕТИОТ СТЕПЕН

Додека вториот степен во себе носи остварување и живот во добродетели, дотолку третиот степен во себе ја носи особината на созерцателниот живот. Тој е повисок степен според совршенството од добродетелта, па светителот го споредува како тело и душа. Добродетелта е телото, а созерцанието е душата. Заедно го создаваат совршениот човек, соединет преку духот од два дела – од сетилниот и разумниот. Добродетелта е на вториот степен и се оживотворува преку созерцанието. Преку созерцанието човекот се покажува совршен и не живее повеќе тој, туку Христос во него.

Во третиот степен срцето гори како пламен, се раѓа духовниот живот, во кој духот целосно владее над телото. Човекот тогаш целосно е во умот и мислите насочен кон небото, а смртта за него е радост. Човечката волја има целосна и едноставна настроеност кон доброто. На овој степен, човечкото срце нема потреба од Божјите заповеди, зашто во себе ги има внатрешните духовни заповеди, кои се во целосна согласност со Божјите заповеди. На овој степен се остварува духовната љубов, која е повиша од заповедите. Тоа е состојба во која човекот има постојано сеќавање на Бога и постојана молитва. Волјата постојано е насочена кон доброто и не се свртува кон злото, зашто човекот веќе влегол во состојба на бестрастие и чистота. Според зборовите на светителот, кога човекот на овој степен се обраќа кон ближните, меѓу нив тој не ги разликува злите и добрите. За него сите се добри, како Божји творби, и не му се претставуваат како нечисти и осквернавени. На вториот степен човекот има чисто срце, а на третиот – постојана молитва. На овој степен, човекот во молитвата преминува во два молитвени степени: во едниот молитвено се насладува, а во другиот созерцава.