Најстарата учесничка во регионалното шоу „Никогаш не е доцна“, Македонката Добрила Ивановска Чабриќ зад себе има тешко минато. За време на војната нејзината мајка морала да ја продаде куќата и да заминат од Македонија.
„Потекнувам од мешовит брак, со татко Македонец и мајка Србинка. Некое време живеевме во Гевгелија, но поради Втората светска војна моравме да го напуштиме домот. Бугарите кои беа главни во Македонија и дадоа ултиматум на мојата мајка.Во рок од 15 дена мораше да ја продаде куќата и да ја напушти Македонија. Беше сама, бидејќи татко ми цело време беше на работа во Србија. Тогаш се преселивме во куќата на дедо ми во Пожаревац, вели Ивановска.
Добрила не сакаше да се пријави на музичкото шоу „Никогаш не е доцна“ затоа што на нејзиниот син не му се допаѓаат вакви емисии, но на инсистирања на пријателите таа се пријави и ја помина аудицијата.
Добрила е една од победнците на овагодинешното издание на музичкото шоу. Таа вели дека е среќна поради тоа, но не планира да застане.
„Среќна сум поради победата и ова е круна на се што работев досега. Не сакам да застанам, се надевам на некој ангажман во Белград и дека ќе добијам некоја монодрама. Мислам дека ќе живеам 100 години и имам време да направам уште многу работи. Не сакам по оваа победа да исчезнам како комета, вели Добрила.
Инаку, Добрила живее во Дојран, па секогаш кога треба да оди на снимање во Белград, таа патува со сопствен автомобил кој таа го вози. Со нејзината харизма, енергија и волја за живот ја освои публиката во регионот.
фото: Предраг Дедијер