Првпат по повеќе од 20 години МПЦ ќе вари свето миро, кое последен пат било подготвено во времето на покојниот архиепископ Михаил.

Како што објави весникот Нова Македонија, коронавирусот бил причина за одложување на еден од најзначајните настани во животот на црквата, кој се случува многу ретко, и тоа секогаш само на Величетврток пред Велигден.

Македонската православна црква-Охридска архиепископија на 6 февруари годинава донела одлука за варење свето миро, чин што требало да се случи за Велигден годинава, но поради состојбата со коронавирусот подготовката била одложена за идната година на Величетврток. Тоа ќе биде четврти пат во историјата на МПЦ да се вари свето миро, кое се користи за извршување на светите тајни во црквата.

Последен пат таков чин бил правен во времето на архиепископот Михаил, пред повеќе од 20 години.

Варењето свето миро се смета за еден од суштинските чинови на една црква, а тоа е основата за извршување на светите тајни крштение и миропомазание. Првото свето миро во 1967 година, по прогласувањето на автокефалноста, МПЦ го има добиено од Бугарската црква, а во историјата има добивано свето миро и од Романската црква, пред сѐ поради блиските релации што ги има со неа.

За ова сега последно варење на светото миро, Синодот на МПЦ ги задолжил владиците Петар и Тимотеј и бившиот митрополит Јосиф.

Од МПЦ велат дека се при крај со резервите на свето миро и тоа е главната причина, а не преговорите со Вселенската патријаршија, која најверојатно ако дојде до признавање на автокефалноста на МПЦ ќе инсистира на древните канонски практики за заедничко учество во варењето на светото миро.