Министерството за социјална политика, демографија и млади ја информира јавноста дека во тек е имплементација на ново софтверско решение со кое се врши модернизација и унапредување на процесите за обработка и исплата на правата од социјална и детска заштита во центрите за социјална работа.

Станува збор за значајна реформа чија цел е зголемување на ефикасноста, сигурноста и квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните. Во процесот на техничко усогласување и миграција на податоците се појавија одредени непредвидени предизвици, кои предизвикаа пролонгирање на обработката на податоците и, следствено, доцнење на исплатата на паричните права од социјална и детска заштита за неколку дена.

-Сакаме да ги увериме сите корисници дека нивните права се целосно обезбедени и дека исплатата ќе биде реализирана веднаш по завршувањето на неопходните технички усогласувања. Надлежните служби работат интензивно на надминување на состојбата и на целосно ставање во функција на новиот систем. Ги замолуваме граѓаните за разбирање и трпение во овој преоден период, имајќи предвид дека станува збор за процес кој долгорочно ќе овозможи побрзи, поефикасни и поквалитетни услуги за сите корисници, велат од министерството.

Министерството останува посветено на модернизацијата на системот на социјална и детска заштита и навремено ќе ја информира јавноста за сите понатамошни активности.