Министерството за труд и социјална политика најостро ги демантира дезинформациите и лажни вести кои ги изнесе ВМРО – ДПМНЕ во однос на новиот Предлог – закон за спречување и заштита од дискриминија, се вели во соопштението од ова министерство.
– Во никој случај со овој закон не се брише семејството, ниту пак се бришат термините мајка и татко, ова воопшто не е предмет кој се уредува со овој закон. Законот за спречување и заштита од дискриминација е т.н. lex specialis, односно не ја уредува детално секоја област на која се однесува. Во новиот предлог закон се вклучени општи одредби, кои подетално се уредуваат во посебни закони. Конкретно, одредбата за “бракот дека е заедница меѓу маж и жена” е уредена во Законот за семејство и таму нема промени за ова прашање. Во Република Северна Македонија бракот, како и вонбрачната заедница, се заедници меѓу еден маж и една жена, и родителите се именуваат како татко и мајка. Законот за спречување и заштита од дискриминација, со вклучувањето на основите на сексуална ориентација и родов идентитет, ја проширува заштитата од дискриминација кон оваа група на граѓани. Ова законско решение овозможува превенција и еднаков пристап до механизмите за заштита од дискриминација за сите граѓани. Основа за донесување на овој закон е токму Уставот на Република Северна Македонија, во кој се утврдени основните слободи и правата на човекот и граѓанинот, соопштува МТСП.
Натаму во соопштението се додава:
– Исто така, Законот за спречување и заштита од дискриминација има добиено позитивни мислења од Венецијанска комисија, од Обеднитетите нации, од ЕУ и од ОБСЕ-ОДИХР. Тие истакнуваат дека Република Северна Македонија, со ова ново законско решение, прави значаен чекор во борбата против сите форми на дискриминација, почитувајќи го и вклучувајќи го законодавството на ЕУ и меѓунардоните стандарди за човекови права. МТСП апелира до јавноста да не подлегнува на манипулации и лажни информации. Законот за спречување и заштита од дискриминација е достапен за секој, може да се види на веб страната на Министерството за труд и социјална политика и на веб страната на Собранието на Република Северна Македонија, соопшти Одделение за односи со јавност Министерство за труд и социјална политика.