Министерството за труд и социјална политика соопшти дека преку фондот на ПИОМ обезбедува и во иднина ќе обезедува редовна исплата, стабилен и континуиран раст на пензиите.
– Доказ за тоа се статистичките параметри што покажуваат евидентен раст на пензиите во Македонија. Така, во 2016 година просечната пензија изнесуваше 13.754 денари, во 2017 година 13.954 денари, а во 2018 година 14.421 денари, соопшти денеска Министерството за труд и социјална политика, се вели во соопштението.
Оваа Влада, се додава во него, со Закон дефинираше дека пензиите ќе се усогласуваат редовно и тоа два пати во годината. Воведена е, посочуваат од Министерството за труд и социјална политика, законска одредба за усогласување на пензиите од 1 април, доколку бруто домашниот производ во претходната година има реален пораст повеќе од четири отсто.
-Со новата законска регулатива се стабилизира пензискиот систем, без притоа да се зголеми старосната граница за пензионирање и без замрзнување на пензиите. Главната цел на овие реформи е спречување на ширењето на дефицитот во Фондот на ПИОМ и негово намалување, истакнуваат од Министерството за труд и социјална политика.