Министерството за труд и социјална политика продолжува во унапредување на правата на лицата со попреченост преку финансирање на индивидуализиарни социјални услуги во заедницата од буџетот. За таа цел услугата персонални асистенти е проширена, и ќе може да ја користат 200 лица со попреченост, соопшти МТСП.
– Со законот кој што е во собраниска процедура услугата персонална асистенција, која досега ја имаше само во седум општини се проширува низ цела Македонија. Со овој чекор се исполнува долгогодишното барање на лицата со попреченост, што ќе придонесе за нивно независно и самостојно живеење, активно и рамноправно учество во заедницата и во општеството во целина. Во 2019 година е предвидено со оваа услуга да се опфатат 200 лица со попреченост. Во моментот услугата ја користат околу 60 лица со попреченост, се наведува во соопштението на МТСП.
Услугата персонална асистенција од денеска во Скопје ќе ја нудат уште 30 нови лица на кои им се доделени сертификатите за персонална асистенција, откако успешно ја поминаа обуката на Црвен крст и на Хуманост. Со ова бројот на сертифицирани лични асистенти на територија на Македонија се зголемува на околу 130, додава Министерството.
Освен персоналните продолжува и обуката и поддршката за образовните асистенти што нудат помош на деца со попреченост во образовниот процес. Во новата учебна година 2018/2019, овој број е зголемен со учество на 34 општини и 300 асистенти во настава. Во 2017/2018 година преку активните мерки за вработување беа ангажирани вкупно 140 образовни асистенти во 18 општини во државата.