Откако минатиот вторник поднесе претставка до шефот на јавното обвинителството Љубомир Јовески, Финансиската полиција денеска поднесе претставка до Советот на јавни обвинители, објави Канал 5. Институцијата со која раководи Муареми бара да се испита работењето на Обвинителството на Рускоска и да се утврди врз која основа е баран претресот, но и на кои докази е базиран статусот основано сомнение.
Претседателот на обвинителскиот совет, пак Антонио Јолевски во телефонски разговор вели дека претставката ќе мора да му ја препратат на Јовески. Ако тој евентуално им даде предлог за разрешување, дури тогаш советот може да одлучува за разрешување. Во Јавното обвинителство веќе една недела се разгледува претстваката на Муареми. Јовески во телефонски разговор за Канал 5 вели дека во републичкото обвинителство веќе е разговарано со обвинителите кои наредиле претрес во Финансиската полиција. Се проверуваат наводите во наредбата, а по ова деновиве ќе има одлука за претставката.
Од Управата за финансиска полиција за Канал 5 велат дека се подготвува и претставка до Судскиот совет. Со неа бараат судското тело да провери по кои индиции и докази судијата на претходна постапка од скопскиот Кривичен суд оценил дека треба на обвинителството да му одобри да изврши претрес во канцелариите на финансова. За разлика од Советот на јавни обвинители, Судскиот совет има ингеренции да одлучи дали да отвора предмет за евентуална дисциплинска или пак постапка за разрешување на судијата.