Не е точно дека се протестира да не се вработат Албанци, туку се протестира да не се вработат партиски полтрони од ДУИ, вели Умејр Муамеди во реакцијата во врска со тепањето во Кулата на контролори на М-НАВ, што се случи вчера.
– Прво: И напаѓачите и дел од нападнатите како и организаторите се Албанци. Второ: ДУИ не е етникум, ДУИ е политичка партија (де јуре), да се обвини етникум (Албанците во случајот) поради примитивизмот на една партија е албанофобија. Дали некој Албанец ќе го осуди или не тоа е слободна волја на секого, но логично е дека не е точно дека се протестира да не се вработат Албанци, туку се протестира да не се вработат партиски полтрони од ДУИ. Трето: Во Македонија има и Албанци кои не се од ДУИ, а такви се над 70% и таквите се најдискриминирани во државава, вели правникот Муамеди во објавата на Фејсбук.
Неговата реакција следува по вчерашните настани во кои Албанци тепаа Албанци во Кулата на контролорите на летање на М-НАВ, а во кои е вклучен и поранешен министер на ДУИ.