Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вели дека постапката за јавна набавка за кровната конструкција на зградата на Министерството е спроведена целосно законски, транспарентно и во согласност со сите важечки правни процедури.

Муцунски бара извинување од СДСМ и од портпаролката на партијата Богданка Кузеска во рок од 24 часа, во спротивно најавува постапка за навреда, клевета и нарушување на угледот.

„На денешната прес-конференција на СДСМ беа изнесени целосно невистинити информации поврзани со мене како министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и со институцијата со која раководам. Станува збор за лажни тврдења, кои не соодветствуваат со фактичката состојба. Проектот за кровната конструкција е тековно одржување на објектот на Министерството, со единствена цел превенција од натамошни оштетувања и поплавување, проблем што настана како резултат на несоодветното одржување на зградата во изминатите години, кога институцијата беше под раководство на ДУИ и СДСМ. Постапката за јавна набавка е спроведена целосно законски, транспарентно и во согласност со сите важечки правни процедури“, пишува Муцунски на својот профил на Фејсбук.

Дополнително, додава министерот, манипулативен и тенденциозен обид за политичка дискредитација претставува негово лично поврзување со одлуките на други правни субјекти, вклучително и органи на локалната самоуправа, што, како што вели, е неоснована и злонамерна конструкција.

Кузеска денеска на прес-конференција тврдеше дека „Муцунски го оживува проектот Скопје 2014“ и дека за изведба на челична настрешница вредна 550.000 евра наводно била фаворизирана фирма која била единствен понудувач на тендерот.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денеска во целост ги демантираше  информациите изнесе од Кузеска нарекувајќи ги крајно неточни.

„Проектот за изградба на кровна конструкција над рамната тераса беше првично планиран за реализација во 2022 година, со цел трајно решавање на долгогодишните проблеми со протекување, кои се јавуваат при секој пообилен дожд. Според стручни проценки, како резултат на несоодветното одржување во изминатите години, бетонските, хидроизолационите и термичките слоеви на подлогата се значително оштетени, што наложува целосна реконструкција и замена на рамната подлога“, стои во соопштението на МНР.

Оттаму велат дека изработката на основниот проект започнала кон крајот на 2022 година, а буџетските средства биле обезбедени во 2023 година.

„Сепак, поради претседавањето на Македонија со ОБСЕ и обемните обврски на Министерството, вклучително и организацијата на Министерскиот совет во ноември 2023 година, изградбата беше одложена за 2024 година. Со оглед на парламентарните избори во 2024 година, проектот беше дополнително пролонгиран за втората половина од годината, со делумно финансирање од редовниот буџет за 2024 година, додека преостанатиот дел ќе се реализира во 2025 година. По завршувањето на градежните активности, во буџетот за 2026 година се предвидени средства за поставување фотоволтаични панели, во согласност со заложбите за енергетска ефикасност и одржлив развој“, велат од Министерството.