Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вели дека со Обединетите Арапски Емирати се води активен дијалог помеѓу нашето и нивното министерство за постигнување два договори – договор за стратешко партнерство, кој ќе ги олесни меѓусебните инвестиции и договор за слободна трговија.
Тој во синоќешното гостување во емисијата „360 степени“ на МТВ 1, говорејќи за активностите насочени кон зајакнување на економската и политичката соработка со Обединетите Арапски Емирати, информира и дека постои сериозен интерес за инвестирање во земјава.
-Нашата цел е со Обединетите Арапски Емирати да изградиме специфично и посебно партнерство, бидејќи станува збор за држава која има реализирано успешни капитални проекти и со која, од стратешка гледна точка, делиме многу исти ставови“. Со ОАЕ веќе водиме активен дијалог помеѓу нашето министерство и нивното министерство за два договори – договор за стратешко партнерство, кој ќе ги олесни меѓусебните инвестиции, и договор за слободна трговија, нагласи Муцунски.
Говорејќи за конкретните можности, министерот посочи дека интересот од страна на Обединетите Арапски Емирати е јасен и конкретен.
-Интересот е конкретен, а финансирањето може да се обезбеди од нивна страна. Портфолиото на интерес е широко. Товарот за реализација на овие проекти лежи кај нашето министерство и ние, како институција, заедно со претседателот на Владата и другите надлежни институции, работиме максимално внимателно и одговорно на овој договорен аранжман со Обединетите Арапски Емирати, рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија.
Муцунски нагласи дека Владата има јасна амбиција за подобрување на животниот стандард на граѓаните, преку привлекување странски инвестиции и поддршка на домашните компании.
-Владата има конкретни резултати во привлекувањето странски инвестиции и во промоцијата на нашите компании во странство, и ќе продолжи максимално фокусирано да работи на овие проекти, истакна тој.
Во однос на динамиката на инвестиционите одлуки, министерот посочи дека станува збор за сложен процес кој бара внимателен и одговорен пристап.
Како потврда за сериозноста на разговорите и насоката на соработката, Муцунски го издвои своето неодамнешно присуство во Обединетите Арапски Емирати и учеството на форум од затворен формат „Сир бани Јас“, нагласувајќи дека бил првиот министер за надворешни работи од нашата земја поканет да учествува на овој форум.
Фото: МНРиНТ




