Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше и се обрати на Министерскиот совет на ОБСЕ, кој се одржува во Виена, Австрија.
Како што се наведува во соопштението од Министерството, во своето обраќање пред министрите за надворешни работи и останатите високи претставници на земјите учеснички, министерот Муцунски се осврнал на безбедносните предизвици со кои се соочува регионот на ОБСЕ, како и на состојбите во рамките на Организацијата.
– Реафирмирајќи ја нашата посветеност на темелните вредности и заложби на ОБСЕ, тој ги посочи сериозните реперкусии од агресијата на Руската Федерација врз Украина врз регионалната безбедност и сигурност, како и нејзиното штетно влијание врз внатрешните односи во рамките на Организацијата, поларизацијата, отсуството на суштински дијалог и недовербата. Во оваа смисла, министерот изрази поддршка за мировните напори, иницијативи и дипломатски разговори што се водат од двете страни на Атлантикот, се посочува во соопштението.
Министерот посветил особено внимание на состојбите во ОБСЕ и сложената политичко-безбедносна ситуација. Говорејќи за структурната криза во која се наоѓа Организацијата, тој ја истакнал неопходноста од нејзино надминување и потенцирал дека на ОБСЕ ѝ е потребна оперативна предвидливост и непречена функционалност.
– Нам ни е потребна модерна, отпорна Организација, ориентирана кон актуелниот контекст. ОБСЕ, како основа на колаборативната безбедност, подготвена активно да го поддржува мирот и да игра истакната улога во закрепнувањето на Украина, подвлече Муцунски.
Осврнувајќи се на повикот за зголемена „отпорност“, како централна тема на состанокот, министерот истакнал дека во денешното безбедносно опкружување отпорноста се однесува на подготвеноста и способноста на земјите учеснички да одговорат ефикасно на сегашните и идните безбедносни предизвици.
– Во тој контекст тој ја нагласил важната улога на теренските мисии на ОБСЕ, потенцирајќи дека тие претставуваат катализатори на трансформација, дизајнирани да ги зајакнуваат државите во реализацијата на нивните стратешки приоритети. Тој посочи дека, гледано низ призма на денешниот сложен безбедносен контекст, отсуството на политича волја во поддршка на нивната стратешката агенда, или уште повеќе, тенденцијата на активно превенирање претставува стратешка кратковидост, што се коси со колективните напори за изградба на мирољубиви, стабилни и просперитетни општества, се наведува во соопштението.
Муцунски додал дека македонското општество, и покрај сите пречки и предизвици, демонстрираше јасна посветеност за остварување на европските аспирации.
– Со реализацијата на оваа стратешка цел нашиот регион ќе се трансформира од граница во мост на ЕУ, во генератор на стабилност, иновации и идеи, како и заштитник од нестабилност и штетни влијанија, рече тој.
Во продолжение, министерот се осврнал на ангажманот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, истакнувајќи ја нејзината важна улога во поддршка на националната реформска агенда. Тој посочи дека идната улога на Мисијата треба да кореспондира со новата реалност и опкружувањето во кое ОБСЕ функционира во државата, земајќи го предвид исчекорот во стратешките приоритети, реформскиот напредок и институционалната зрелост. Во таа насока, додал Муцунски, идниот ангажман и присуството на ОБСЕ треба да бидат насочени кон поддршка на тековните и идните реформски приоритети на Владата.




