Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ја опиша својата прва билатерална средба со грчкиот колега, Јоргос Герапетритис, како одлична, позитивна и конструктивна. Средбата се одржа во просториите на грчката мисија во ОН во Њујорк, при што било дискутирано и за примената на Преспанскиот договор.
Сметам дека во духот на добрата волја и почитувањето на обврските од меѓународното јавно право, заеднички ќе работиме на реализација на нашите обврски, изјави Муцунски по средбата.
Тој истакна дека на состанокот се разговарало „многу повеќе за она што може да не обедини отколку за она што може да не раздели“.
Разговаравме за коридорот 10, енергетското поврзување, како и за поттикнување на трговијата и деловната активност. Говоревме и за подобрување на политичките односи и напредокот во европската интеграција, додаде Муцунски.
Како мала земја без излез на море, нагласи тој, посебно важна е улогата на меѓународното јавно право, бидејќи тоа е од значење од неколку стратегиски аспекти.
Сметам дека е значајно што имавме оваа средба. Се договоривме за активна комуникација во однос на предизвиците што можат да се појават помеѓу двете држави. Очекуваме денешната средба да отвори нова ера на добра комуникација помеѓу двете влади и да ја поттикне реализацијата на проекти кои ќе донесат економска благосостојба за двете нации, рече Муцунски.
Првите чекори што треба да се преземат, според него, вклучуваат зголемена динамика на средби не само помеѓу министрите за надворешни работи, туку и помеѓу други ресори со заеднички интереси.
Разговаравме и за зголемување на трговската размена со конкретни идеи што ќе произлезат во иднина. Доколку продолжиме со позитивни иницијативи, односите ќе се подобруваат, нагласи Муцунски.
Тој го покани грчкиот министер за надворешни работи, Герапетритис, да ја посети нашата земја.
Протоколарно, сега е редот на Грција да ја посети нашата држава, додаде Муцунски.
Во моментов, нема информации за планирани средби на претседателско или премиерско ниво.
Муцунски и Герапетритис учествуваат во активностите на 79. Генерално Собрание на ОН во Њујорк. Со нив се и македонската претседателка, Гордана Сиљановска Давкова, вицепремиерот Изет Меџити, а денеска се придружи и министерот за здравство, Арбен Таравари. Во Њујорк е и грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, како и многу други светски лидери.