Нашата држава има позитивен пристап кон политиката на отворени врати на НАТО за прием на нови членки, но засега е рано да се дискутира за членство на Украина во Алијансата, изјави за МИА министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во врска со иницијативата на Киев за зачленување на Украина во НАТО по забрзана постапка.

– Ние како држава генерално имаме позитивен пристап кон принципот на отворени врати, но тоа е одлука што се носи со консензус и за која треба да има подетална дискусија помеѓу земјите членки. Прерано е да се дискутира за такво нешто – нагласи Муцунски, кој престојува во Брисел, каде денеска и утре учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО.

Украина е главна тема на заседанието на Советот НАТО-Украина во форма на работна вечера во рамки на министерскиот состанок, на кој учествуваат и шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха и новата висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.

Како што најави Муцунски, министрите на членките на НАТО со Сибиха и Калас ќе разговараат за најновите случувања поврзани со руската агресија врз Украина, чекорите што ги презема Алијансата за помош на земјата, како и за позициите на сојузниците поврзани со имплементацијата на заклучоците од јулскиот Самит на Пактот во Вашингтон.

Министерскиот состанок започна со заседание на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на дипломатии посветено на тековниот конфликт на Блискиот Исток и неговото влијание врз евроатлантската безбедност, на кое учествуваше и јорданскиот крал Абдула Втори.

Според Муцунски, на средбата се разговарало за сериозните предизвици од политичка и безбедносна гледна точка поврзани со случувањата на Блискиот Исток, кои влијаат на глобалната стабилност и глобалниот мир.

– Во таа насока беа споделени согледувања и имаше дискусија за тоа како НАТО треба да се позиционира за овие клучни прашања во периодот што доаѓа – рече Муцунски.

Во врска со предлозите за зголемување на одвојувањата за потребите на одбраната од страна на земјите членки и над нивото од најмалку два отсто од националните БДП, Муцунски вели дека тоа е прагот што во моментов го има поставено Алијансата и кој е испочитуван од страна на нашата земја.

– Свесни сме дека постои влошена и волатилна состојба од безбедносна гледна точка на глобално ниво. Ќе работиме со сојузниците да се адаптираме кон реалноста што ја имаме – додаде Муцунски.

На маргините на состанокот, Муцунски имаше билатерална средба со неговата словенечка колешка Тања Фајон, на која, како што нагласи, станало збор за одличните односи како две земји членки на НАТО и за меѓусебното партнерство, кое не се само политичко, туку се покажува и во пракса во делот на одбранбената и воената соработка.

– Зборуваме и за предизвиците што ги имаме како земја која посакува да стане членка на Европската Унија. И се заблагодарив за принципиелната поддршка што ни ја дава Словенија на тој пат и имавме активен дијалог за изнаоѓање решенија за сите предизвици кои се пред нас како држава, но и пред нас како рамноправни членки на Алијансата – потенцира Муцунски.

Претходно, на Икс словенечкото Министерство за надворешни работи објави дека главна тема на средбата била европската перспектива на земјава, при што Фајон му порачала на Муцунски дека Словенија е голем поддржувач на проширувањето на ЕУ и „затоа ќе се потрудиме да ви помогнеме да ги спроведете вашите обврски за исполнување на условите за членство“.

За време на учеството на Муцунски на министерскиот состанок на НАТО предвидени се и други средби со негови колеги, меѓу кои и со британскиот државен министер за Европа и Северна Америка, Стивен Доти и со канадската министерка за надворешни работи Мелани Жоли.

Состанокот на шефовите на дипломатиите на членките на НАТО продолжува утре со заседание на Северноатлантскиот совет на кој, како што најави генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, главна темa ќе биде зајакнатата „руска агресија врз сојузниците“.