Голманот на Манчестер Сити, Џанлуиџи Донарума, ја одложи својата свадба за да биде целосно подготвен да игра за Италија на Светското првенство во САД, Канада и Мексико ова лето, изјави денеска неговиот менаџер Енцо Рајола.

Италија ги пропушти последните две светски првенства, 2018 во Русија и 2022 во Катар, и сè уште не се квалификуваше за Мундијалот 2026, но ќе игра во плејофот во март, против Северна Ирска, а потоа доколку победи против Велс или Босна и Херцеговина.

„Тој сакаше да се жени на лето, но го одложи тоа бидејќи неговите обврски со Италија се на прво место. Многу се грижи за Светското првенство, побара да остане концентриран и да се фокусира само на својот клуб и Италија, бидејќи сака да оди на тоа натпреварување со сето срце“, изјави Рајола за Радио Спортива.

Донарума се пресели од ПСЖ во Манчестер Сити ова лето, откако не ја продолжи соработката со францускиот клуб.