Во рамки на денешната работна посета на министерката за европски прашања на Кралството Данска, Мари Бјере, во Министерството за европски прашања беше одржана заедничка прес-конференција со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.
Во своето обраќање, министерот Муртезани се осврна на партнерството меѓу Македонија и Данска како пример за заемна доверба и почит, потенцирајќи дека подготвеноста за продлабочена соработка доаѓа во клучен момент за европската перспектива на регионот. Тој ја поздрави одлуката политиката на проширување со ЕУ да биде дел од приоритетите на претстојното данско претседавање со Советот на ЕУ и ја истакна важноста Копенхашките критериуми да останат единствен темел врз кој се гради политиката на проширување.
Министерот подвлече дека Македонија останува посветена на реформите и конструктивната улога во регионот, што е потврдено и со организацијата на Самитот на лидерите од Западен Балкан за Планот за раст, кој ќе се одржи во Скопје.
Ми претставува чест да бидам домаќин на мојата колешка, министерката за европски прашања на Кралството Данска, Мари Бјере, во време кога европската агенда добива нова динамика, кога нашите две земји отвораат простор за подинамична билатерална соработка и за посериозен заеднички ангажман во креирањето на иднината на Европа. Ова е време што бара визија, храброст и одговорност.
Данска отсекогаш била земја со јасен и конзистентен став во европските процеси – гласна во поддршката на вредностите, доследна во заштитата на правото и принципиелна кога станува збор за проширувањето на Унијата. Нашите односи со Данска имаат своја историја на доверба, но уште поважно – имаат иднина што нѐ обврзува на уште подлабоко разбирање и заемна поддршка. Отворениот дијалог што го водевме денеска е доказ за тоа.
Искрено разговаравме за нашите билатерални односи, за иднината на Европа и за местото на Македонија во тој поширок хоризонт. Ги разгледавме приоритетите на претстојното данско претседателство со Советот на Унијата, кое започнува следниот месец. Во тој контекст, ги поздравувам заложбите на Данска за силна, демократска и безбедна Европа, Европа што е отпорна, но и фер; што се темели на вредности, но дејствува со прагматизам.
Посебно ја цениме принципиелната определба на Данска дека проширувањето на Европската Унија мора да се води исклучиво според Копенхашките критериуми – објективни, мерливи и еднакви за сите. Во време кога процесот е изложен на притисоци и тенденции на билатерализација, токму овие критериуми се нашата заштита. Тие се потсетник дека европскиот пат не смее да се условува со прашања надвор од суштината на демократијата, владеењето на правото и функционалната пазарна економија. Веруваме дека под лидерството на една кредибилна земја-членка, како што е Данска, ЕУ ќе може појасно да го артикулира својот ангажман кон регионот и да покаже дека процесот е не само жив, туку и остварлив.
Нашата земја, и покрај сите предизвици, останува посветена на тој пат. Планот за раст на Европската Унија го пречекавме како можност за нова етапа на интеграција, која веќе носи конкретни реформи и резултати. Фактот што Македонија наскоро ќе биде земја-домаќин на Самитот на лидерите од Западен Балкан претставува признание за нашата активна улога во обликувањето на европската агенда во регионот.
Почитувана министерке Бјере, Ви благодарам, за оваа значајна посета во еден важен момент, во пресрет на данското претседавање со Советот на ЕУ. Вашето присуство овде не е само гест на пријателство, туку порака на доверба. Ви благодарам за отворениот и содржаен разговор, за почитта што ја покажавте кон нашите напори и за пораките што ги носите со себе. Токму ваквите средби го потврдуваат она што континуирано го градиме – партнерство кое почива на вредности, заемна почит и искрено сојузништво.