Македонската фудбалска А-репрезентација денеска патува за Гент каде што на 10. октомври ќе одигра натпревар со Белгија од квалификациите за СП 2026.

Нашиот најдобар национален тим одработи мини подготовки во Скопје.

-Натпреварот е многу важен за нас, од тоа нема бегање, но ниту е крај на светот. Треба да се подготвиме како и за сите други предизвици, како на минатите натпревари, со ладна глава да влеземе во мечот и да се обидеме да го извлечеме најдоброто од сите нас. Нормално е дека Белгија ќе нè анализира од нашиот последен меѓусебен дуел, но ние многупати сме покажале дека можеме да одиграме квалитетно со големите репрезентации. Ќе се потрудиме да се подготвиме и да покажеме на терен дека сме конкурентни, изјави дефанзивецот на нашата репрезентација, Висар Муслиу, кој настапува во белгискиот тим Сент Труден.

Натпреварот Белгија – Македонија се игра во Гент на 10.октомври со почеток во 20:45 часот. (МИА)