Оневозможен е пристапот до Музејот за стари возила на неготинецот Дионис Пашлаков, за чија пасија кон олдтајмерите се дозна во светски рамки, а за него беше снимен и документарен филм.
Тој во изјава за МИА се пожали дека неговата идеја за музеј по сите нишани, се уште не е остварена.
– Идејата е почната пред 26 години, ова е 27-ма година веќе. Во 2002 година купив плац на кој ги пренесов моите стари автомобили што ги собирам со децении и ги реставрирам. Градев и објекти на плацот. Во 2015 година по повод ослободувањето на Неготино, ја отворивме првата фаза од музејот и на 128 метри квадратни сместивме дел од моите стари миленици на четири тркала. Но, еве веќе пет години целата оваа работа стагнира, не по моја волја. Тапка во место, рече тој.
Нагласи дека е веќе пензиониран професор, а пензијата не му дозволува некои поголеми инвестиции. Имал готов проект за хала и платени комуналии за градба, но немал никаква поддршка од никого, па самиот не можел да го реализира, бидејќи биле неопходни неколку десетици илјади евра.
– Работата стои во место, за жал. Не само што стои, туку се движи и назад. Во последните месеци дури и пристапот е блокиран за возила, сите патишта за пеш одење до музејот се калливи, несредени. Пет градоначалници се сменија откога сум тука на плацот, тоа е 18 години. За жал, овој дел, оваа индустриска зона број осум што припаѓа во градот, нема ни струја, ни вода, ни канализација, ни пат, никаков пристап, како да сме во некоја планина. Јас не можам да разберам што е проблемот што градот не може да се снајде во овој мал дел, а тоа е 200-250 метра. Потребно е да се направи канал за да се одводнат атмосферски води. Пред две години се појави иницијатива за решавање на проблемот, еве веќе две години работата стои во место, реагираше Пашлаков.
Тој додаде дека негова животна желба била Неготино, регионот, па и државата, да добијат еден музеј со околу 120 автомобили и 63 моторцикли.
– Не се сите за во музеј, но половината од нив да се стават, ќе имаме вистински музеј како во некои западни европски градови кои знаат да ја ценат историјата на автомобилизмот и вредноста на старите превозни средства, дециден беше овој 71 годишен неготинец.
Странците се тие кои најчесто изразуваат желба да ја видат неговата ергела со стари автомобили со различни коњски сили, но има и домашни посетители.
-Општина Неготино има аплицирано и добиено проект за водоводна линија, атмосферска канализација и фекална канализација и АБ канал преку Министерство за транспорт и врски. Истиот беше тендериран преку Министерството. Прворангираната фирма започна со работа и побара од општина Неготино АБ каналот да биде изведен со цевки, на што општина Неготино не даде согласност. Се поведе спор со изведувачот. По завршувањето на постапката и завршувањето на оваа инфраструктура, ќе биде пристапено кон асфалтирање на улиците во урбана зона 8, децидни беа од општина Неготино за МИА.