Коди Ли е 22-годишен музички талент од САД кој во популарното шоу „Америка има талент” ги освои и публиката и жирито, на чело со строгиот Сајмон Кауел.
Коди тоа го постигна со својата изведба, но и со решителноста да ги добие своите „пет минути слава“, без оглед на пречките, односно неговата комбинирана попречност.
Имено, тој е лице со аутизам и со целосно оштетен вид, а на сцената застана о придружба на неговата мајка Тина. Потоа тој ја отсвири и отпеа песната „A Song For You”, со која сите ги крена на нозе.
-Ова беше извонредно, навистина извонредно. Јас не знам како е да се биде во светот на Коди… Но, момче, твојот глас е фантастичен, имаш прекрасен тон. Ќе го помнам ова цел живот, гласеше оценката на Кауел.
Новата членка на жирито, Габриела Јунион ѝ оддаде почит и на неговата мајка. – И јас скоро станав мајка. Затоа знам дека на своето дете му посакуваш и ѕвезди и виножита. А, вечерва јас ќе ви дадам нешто посебно, рече музичкиот експерт по што го притисна специјалното „златно копче“, што го праќа Коди директно во емисијата во живо.
Неговиот настап на Јутјуб веќе има над 10 милиони прегледи.