Националната установа Центар за култура „Никола Јонков – Вапцаров“ со музички омаж кој се одржа во делчевската киносала, синоќа им оддаде почит на делчевските музичари Слободан Илиоски – Цобе, Слободан Момчилов – Каторе, Демирали Мемедов – Демко и Љупчо Ангеловски – Линцур.
Во рамки на настанот во изведба на Георги Арсов беше промовирана и песната посветена на доајените на делчевската староградска музика, за која текстот го напиша главниот иницијатор на настанот Слободан Димитровски.
-Песната насловена „Големи музичари“ е посветена на нашите непрежалени другари, големи музичари како последен поздрав од сите нас, колеги музичари и други. Судбината не дозволи, достоинствено и со почит да се протстиме од нив, затоа сме овде да се потсетиме на многуборјните дела кои ги оставија од областа на културата и музиката, истакна Димитровски.
Преку овој настан како што додаде директорот на делечвскиот Центар за култура, Методи Толевски, Делчево се потсетува на големата професионалност и човечност на лицата кои оставија силен белег во средината во која твореа со особен придонес во културата.
– Премалку се зборовите за да се опише што наследивме од овие личности затоа овој настан го пoсветивме на нив, веруваме и се надеваме дека ќе прерасне во традиција. Тука сме за нив како што тие беа секогаш за нас, додаде Толевски.
Градоначалникот на Делчево Горан Трајковски ја поздрави иницијативата за организирање на настанот со кој им се оддава почит на на културните работници кои оставија белег во културното изгиднување на општина Делчево.
-Секоја чест за организаторите кои се потрудија со овој настан да оддадат почит на овие културни работници, кои верувам дека ќе останат во аналите, како чичности кои го трасирале патот во развојот на културно Делчево, рече Трајковски.
За музичарот Драги Атанасовски, аманет за наредните генерации ќе биде да се негува заедничката дружба помеѓу сегашната генерација музичари, дружба по која беа препознатливи Цобе, Каторе, Демко и Линцур.
Многу емотивна вечер, генерации и генерациии делчевци живее со нивната музика и се што можам да кажам е дека тие личности ќе останат да живеат помеѓу нас, а нивниот ентузијазам треба да продолжи меѓу младите, додаде делчевката Даниела Такева.
Како дел од одбележувањето на настанот со свои песни се претставија групата Ѓурѓа и солистот Кире Цоневски, а во рамки на настанот беа доделени благодарници на семејствата на доајените на делчевската староградска музика. За техничка реализација на настанот се погрижија Зенил Реџепов Стручни, андријана Димитровска, Лидија Дамјанова и Кире Цоневски.