Од МВР велат дека не е точна информацијата дека во СВР Скопје пред пет дена наводно било заведено дека убиството врз малолетната В.Ѓ. го извршил Љ.П., а, наводно, не било ништо преземено. Во соопштението се додава дека Министерството за внатрешни работи и ОЈО Скопје денеска на прес конференција детално презентирале се што е преземено во врска со овој случај.

Од МВР апелираат да престане ширењето на информации, кои нанесуваат штета на истрагата.

​Оваа реакција од МВР доаѓа по прес-конференцијата на пратеникот Игор Јанушев кој праша дали е точно дека во СВР Скопје официјално е заведено дека Љупчо Палевски Палчо е убиецот на Вања уште пред 5 дена.

Јанушев ја критикуваше толеранцијата на власта за криминално однесување во нејзините редови, поставувајќи прашање дали таквите групи се користат за лични и политички придобивки. Тој тврдеше дека раководството на Министерството за внатрешни работи, под Спасовски, ја олеснило неказнивоста и релативизирањето на криминалот, создавајќи ненормални и незаконски појави во општеството.

-Зошто власта предолго го толерираше ова однесување? Спасовски и СДС да одговорат дали ваквите групи ги стимулираат и користат за нивни лични потреби, а подоцна ги толерираат се додека не се случи ваква трагедија каде што животот го загуби невино дете?!?, праша Јанушев.