Обдукцијата врз телото на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски во Институтот за судска медицина и криминалистика е завршена, но извештаите сѐ уште не се готови, потврдија од Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство Скопје за МИА.
Извештајот од обдукцијата треба да ги утврди причините за смртта на малолетничката Вања и велешанецот Панче кои беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември, по нивното пријавување за исчезнување на 27, односно 24 ноември годинава.
Во 48-часовен притвор за овие случаи во моментов се Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се дел од партијата Десна на првоосомничениот, Љупчо Палевски – Палчо, кој е во бегство и надвор од државата и за кого е донесена наредба за спроведување истрага и издадена е меѓународна потерница.
Скопскиот Кривичен суд синоќа определи краткотраен притвор од 48 часа и за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски заради опасност од бегство и влијанија врз сведоци.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и скопскиот јавен обвинител Гаврил Бубевски вчера на прес-конференција ја образложуваа инволвираноста на таткото на Вања во случајот. Имено тројцата претходно приведени кажале дека тој му ги дал информациите на првоосомничениот во врска со движењето на неговата ќерка.
Мотивот за убиствата, како што посочија, е користољубие, кое, според нив, поради паника завршува со ликвидација на малолетната Вања.
Првичните сознанија на полицијата и Обвинителството е дека групата сакала да изнуди пари од мајката на Вања, меѓутоа, до тоа не дошло. Ситуацијата, како што посочи обвинителот Бубевски, излегла од контрола кога мајката го пријавила исчезнувањето на својата ќерка и набрзо потоа целата јавност беше крената на нозе. Според обвинителот Бубевски, велешанецот е само „прометна жртва“ која била искористена за да се земе неговата кола и да се заврши, како што рече „целокупниот криминален потфат“. Мотивот за неговото убиство, како што дополни, се должничко-доверителски односи со еден од осомничените.
– Панче должел 500 евра на еден од осомничените и така е избран како жртва за да се земеме колата за да се изврши грабнувањето. Тоа е она што го имаме како некоја линија зошто е прво извршено грабнувањето и убиството на Панче, да тука се заврши целокупниот криминален потфат, рече Бубевски.
Освен истрагата за Палевски, се очекува кривична пријава и за останатите осомничени по што би се покренала истрага. Со тоа, јавното обвинителство би имало можност да побара определување на нови мерки.