При контрола на угостителски објекти, вчера во Тетово поради прекршување на прописи во време на пандемија прекината е свадбена веселба, а затворени се два локали и приведени сопствениците. На свадбата во угостителски објект на улицата „Видое Смилевски-Бато“  биле затекнати 80 гости.

-Контролата во овој објект е извршена вчера во перидот од 18:00 до 20:45 часот во Тетово од страна на полициски службеници од СВР Тетово во содејство со инспектори од Државниот пазарен инспекторат. Објектот бил затворен од Државниот пазарен инспекторат, а менаџерот Д.С.(38) од село Мала Речица, Тетовско, бил лишен од слобода и задржан во полициска станица. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена пријава по член 206 од Кривичнит законик  за „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Подоцна околу 23 часот полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода Д.С.(30) од тетовски Лешок, затоа што неговиот угостителски објект во Лешок работел по дозволеното време и во него биле послужувани гости. Исто така, сопственикот е приведен за расчистување и документирање на случајот.

-За сопственикот ќе биде поднесена пријава по член 206 од Кривичниот законик  за „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, информира Јосифоски.

Објектот бил времено затворен од Државниот пазарен инспекторат.