Основното јавно обвинителство – Скопје врши проверки и прибирање на документација која ќе помогне при утврдување на фактите и расветлување на случајот за паралелен увоз на лекови и не станува збор за претреси, велат за МИА од Обвинителството.

Од Обвинителството посочуваат дека предметот за паралелен увоз на лекови бил  отворен по допрен глас во Основното јавно обвинителство – Скопје, а подоцна во текот на предистражната постапка предметот е предаден на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

-По предметот се преземаат предистражни дејствија подолг временски период. Денешните активности на Министерството за внатрешни работи се резултат на претходно издадени наредби од страна на предметниот обвинител кои заради актуелната состојба со пандемијата не биле до сега реализирани. Во случајов не станува збор за претреси, туку  за вршење на проверки и прибирање на документација која ќе помогне при утврдување на фактите и расветлување на случајот, велат од Обвинителството.

Полициски инспектори од Одделот за борба против организиран криминал и корупција на МВР претпладнево по наредба на Обвинителството влегле во веледрогеријата „Пановски“.

МИА