Во рамки на засилените акциски контроли на Министерството за внатрешни работи  во областа на сообраќајот во текот на вчерашниот ден на територијата на град Скопје изречени се вкупно 148 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 91 санкција, седум за возење без возачка дозвола, четири мерки за недавање првенство на минување на пешаци.

Како што соопшти МВР, изречени се и три санкции за користење мобилен телефон, осум за минување на затворен сигнал (црвено светло), четири за некористење сигурносен појас и 14 за непрописно паркирани возила.

Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за зголемување на безбедноста во сообраќајот и заеднички придонес за посигурни патишта.