Министерството за земјоделство по вториот круг на претстојните претседателски избори ќе излезе со предлог-решение за состојбата во овчарството, се вели во денешното соопштение.
Во меѓувреме, ќе го следи откупот на јагнето и по неговото завршување ќе ги проанализира податоците од терен. Секое здружение, пак, на одгледувачи на овци ќе треба да испрати пополнет прашалник за трошоците што ја формираат производната цена. Таа ќе се спореди со анализите на МЗШВ за да се дојде до реална производна цена и врз сонова на тоа ќе се подготви соодветно решение.
Ова, како што стои во соопштението на МЗШВ, е договорено на денешниот работен состанок со овчарите на кој присуствуваа и претставници од Институтот за сточарство.
Претставниците на МЗШВ информирале дека се работи на воспоставување контакти со нови пазари за извоз на јагнешкото, а веќе течат преговори и за добивање квота за извоз на јагнешко месо на турскиот пазар.
-Здруженијата на одгледувачи на овци ги изнесоа своите барања. Поради ниската откупна цена, побараа државата да интервенира со дополнителна мерка што ќе ја покрие разликата меѓу производната и пазарната цена. Второто барање на одгледувачите на овци беше, за оние сточари што се влезени во системот на контрола за исплата на субвенции, да се забрза постапката за исплата на субвенциите, информира Министрството.
Во однос на исплатата на субвенциите, МЗШВ ги информира одгледувачите на овци дека ќе ја извести Платежната агенција.
Според Министерството, претставниците на здруженијата на одгледувачи на овци позитивно ја оцениле иницијативата на МЗШВ што во моментов се спроведува преку Агенцијата за храна и ветеринарство за попис на бројот на овци и кози и земањето крв од овците. Се согласија дека за натамошното креирање ефикасни политики за развој на овчарството и за правилна распределба на субвенциите, важно е да се знае точната бројка на овци.
Во МЗШВ вчера се одржа работен состанок со откупувачите, претставниците од кланиците и извозниците на јагниња, на кој исто така се разговараше за состојба со откупот на јагне и за извозот. Откупувачите рекоа дека не очекуваат проблеми со пласманот и дека јагнето во целост ќе биде откупено.