Екипата на МЗТ Скопје вечерва загуби на домашен терен од Задар со 77:78 (43:35) во меч за пласман во АБА лигата, по што резултатот во меѓусебните дуели беше израмнет на 1:1. За влез во елитата на регионалното кошаркарско натпреварување, двата тима ќе играат мајсторка во Хрватска.
Тимот од Аеродром може да жали за пропуштената шанса бидејќи беше подобар противник во поголемиот дел од натпреварот, на неколку наврати имаа двоцифрено водство, но загубија здив во последната четвртина.
Задрани до првото водство дојдоа кон средина на последниот период, а во последните две минути влегоа со предност од +6 (67:73). Вудард сепак со неколку поени во серија ги донесе „сино-белите“ на минус 1 (76:77) на 15 секунди пред крајот. Жориќ во следниот напад погоди едно слободно фрлање од двете, за на спротивната страна, Медфорд да врати со иста мера, но МЗТ со офанзивен скок на Бојиќ се избори за уште еден, последен напад. Вудард ја зеде топката и промаши изнуден шут за конечни 77:78.
Најдобар кај победничкиот тим беше Литл со 20 поени, а Жориќ даде 17, додека кај домаќините Вудард даде 26 поени, Медфорд реализираше 17, додека Иванов заврши со 14 поени.
Мајсторката ќе се игра на 30 април со почеток од 17 часот.