Американецот Абдул-Малик Абу е новото засилување за МЗТ Скопје Аеродром на центарската позиција, соопшти македонскиот шампион.

– Станува збор за 27-годишен кошаркар висок 203 см. кој одлично се снаоѓа на позициите „четири“ и „пет“ и кој се очекува да донесе цврстина во нашиот рекот. Абу ни доаѓа од Израел, каде што настапуваше за Хапоел Галил Елион, додека претходно беше дел од бундеслигашот Вурзбург, корејскиот прволигаш Чангвон, турскиот тим Беледиеспор, Спортинг од Лисабон и Вриједноснице Осијек, кој беше негов прв интернационален трансфер. Зад себе има повеќе од солидна НЦАА кариера во Северна Каролина државниот универзитет, каде што во една од сезоните имал просек од 11,8 поени и седум скока, објавија „сино-белите“.

Абу доаѓа на местото на Самет Јигитоглу, кој си го откупи договорот за да се врати во Турција.

Се прават напори Американецот веднаш да пристигне во Скопје и до недела да се средат сите административни формалности, со цел да дебитира во сино-белиот дрес веќе на дуелот со Партизан во Белград, закажан за в понеделник.