Со звуците на македонскиот кавал, под слоганот „Богатство од стариот свет“ денеска и во следните два дена, со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), во Сингапур се промовираат македонските вина.
Како што соопшти МЗШВ, на манифестацијата специјално наменета за промоција на македонските вина, посетителите ќе може да ги дегустираат најквалитетните вина од повеќе македонски винарии.
– На промоцијата се присутни сомелиери и претставници од најголемите дистрибутери на вино од Азија, што претставува добра можност за промоција и зголемување на извозот на македонското вино, наведува Министерството.
Претставници на МЗШВ во април годинава имаа работна средба со економски тим од Сингапур на која се се дискутираше за конкретни активности за зголемување на трговската соработка меѓу Македонија и Сингапур. Една од темите беше и пробивање на македонското вино на сингапурскиот пазар, а прв чекор од дефинираните активности беше организирање ваков настан. Сингапур е една од најразвиените земји во светот со увозна вредност на вино од 250 милиони евра годишно.
Според Министерството, во Програмата за руралниот развој за поддршка на саемски манифестации годинава се издвоени 550.000 евра, а следната година оваа сума треба да се зголеми.