Пет плански региони ќе добијат средства во вкупен износ од 30 милиони денари преку Програмата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за капитални субвенции за развој на планските региони во областа на земјоделството и руралниот развој.
Како што истакна министерот за земјоделство Љупчо Николовски на денешното потпишување на договорите за одобрување на средствата, станува збор за средства што се доделуваат по првпат, а се наменети за подобрување на руралната патна инфраструктура преку изградба и реконструкција на пристапни патишта во подрачја со интензивна земјоделска дејност.
-Оваа поддршка е дел од нашите капитални вложувања директно во земјоделството од што бенефит ќе имаат земјоделците. Целта е со средствата што ги доделуваме денеска да ја подобриме руралната патна инфраструктура која е основен предуслов за успешен развој на земјоделството. Со тоа ќе се олесни пристапот до обработливите површини, ќе се зголеми и олесни производството на земјоделски производи, а ќе се создадат и подобри услови за живот во руралните средини, рече Николовски.
Раководителот на Секторот за Источниот плански регион Драгица Здравева истакна дека средствата ќе придонесат за развој на регионот и тоа не само за полската инфраструктура, туку ќе се одрази и на намалување на диспаритетот не само помеѓу регионите, туку и во рамките на еден регион.
Петте проекти кои добија финансиска поддршка се избрани на јавен повик на кој пристигнале вкупно 10 апликации. Критериумите според кои се избрани петте центри за развој на планските региони и тоа Пелагонискиот, Вардарскиот, Североисточниот, Југоисточниот и Источниот плански регион се минимум 40 отсто обработливо земјоделско земјиште во регионите кои аплицирале и бројот на општини опфатени со проектите.
Постапката за јавна набавка за избор на најповолен изведувач и надзор на работите предвидени во приложените проекти ќе започне од јануари следната година, а одобрените проекти треба да се реализираат во рок од 12 месеци од денот на потпишување на договорите.
Со петте проекти ќе биде изградена или реконструирана полска инфраструктура во должина од околу 50 километри.