Ланското финале на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите ќе има реприза и сезонава. Вардар по вторпат ќе игра за златниот медал откако во полуфиналето го победи тимот на Ростов со 25-19 (10-7).

Противник на Вардар во финалето ќе биде екипата на Ѓер. Унгарките го победија ЧСМ Букурешт со 28-20. Финалето ќе биде реприза на минатата година кога исто така за златото играа Вардар и Ѓер.

Од самиот почеток на натпреварот вардарки покажаа дека се решени да победат и шансата нема да ја пропуштат. Се играше повеќе преку бековите зашто Цвијиќ беше одлично чувана. Но и со таква игра вардарки имаа игра, со шутеви од далечина. Така се разбиваше играта на Ростов. На полувреме вардарки заминаа со предност од 10-7 и со мотив да се продолжи започнатото и да се заврши со триумф.

Во второто полувреме само продолжи добрата игра на нашите девојки кои имаа предност што им овозможи покомфорно играње. Одбраната беше пожртвувана за секоја топка, Лејно во елемент, и одлично сконцентрирани во нападот.

Кога Ина Суслина го одбрани пеналот на Екатерина Илина, а Андреа Лекиќ постигна гол веќе можеше да почне и славјето на клупата и трибините. Вардар има предност од 23-18 и напад, а Пенезиќ од цепелин става крај на сите надежи. Вардарки веќе слават и треба само да ги одиграат последните 90 секунди.