На 1 јуни бизнисменот Орце Камчев и Ненад Јосифовиќ треба да влезат во затвор. Ова за Алсат го потврдува директорот на скопскиот истражен затвор во Шутка, Филип Андов. Затворот денеска го добил упатниот акт изготвен од судија за извршување на санкции од Кривичниот суд во Скопје. Документот со кој тие се упатуваат во затвор следи откако Камчев и Јосифовиќ се спогодија со Обвинителството за случајот „Империја“ на по една година затвор.
Но, Законот за извршување на санкциите на нив им нуди и одлагање на затвроската казна. А, за да го побараат одложување, според Законот, треба да имаат тешка болест или да се зависници, поради смрт или болест во потесното семејство, ако имаат довршување на неодложни сезонски работи како што се обрски на нива или работи предизвикани од елементарна непогода, да довршат работа која ја почнале и тоа само ако со нејзиното недовршување би настанала голема штета. Камчев и Јосифовиќ можат да бараат и одложување на затворот поради образование, доколку полагаат испити за кои се подготвувале, како и доколку нема кој да се грижи за болните или малолетните членови во семејството.
Затворската казна може да се одложи до шест месеци. Камчев и Јосифовиќ до понедленик можат да поднесат барање за одложување на казната. Потоа судијата би имал три дена да донесе одлука, така што идната недела би се знаело дали Камчев и Јосифовиќ ќе бараат и дали ќе добијат нов рок кога да се јават во затвор.
Истрагата за случајот „Империја“ која заврши неодамна траеше речиси три и пол години. Камчев се спогоди со обвинителството во делот за даночното затајување на една година затвор и уплати над 5 милиони евра на државата преку УЈП.