Производството на руската вакцина „Спутник Ве“ во Институтот Торлак во Белград ќе започне до 20 мај годинава, јави допсиникот на МИА од Белград.
-Србија на тој начин ќе стане прва земја во Европа каде ќе се произведува вакцината Спутник Ве, беше потврдено на состанокот одржан во Москва од страна на српскиот министер и копретседавач на Меѓувладиниот комитет за соработка со Русија, Ненад Поповиќ и рускиот министер за индустрија и трговија Денис Мантуров, соопштија од кабинетот на минисерот Поповиќ.
Поповиќ и Мантуров го потврдија Патоказот предложен од експерти од руското Министерство за индустрија и трговија, рускиот фонд за директни инвестиции, институтот Гамалеја и фармацевтската компанија „Генериум“.
-Оваа мапа е изработена врз основа на руското искуство во воспоставување на производство на вакцина Спутник Ве во неколку фабрики на територијата на Руската Федерација. Во првиот циклус на производството во Институтот Торлак, планирано е да се произведат четири милиони вакцини, изјави Поповиќ.
„До крајот на март ќе потпишеме договор за трансфер на технологијата со руските партнери. До 16 април во Србија треба да пристигнат помали количини на супстанцата, од која ќе бидат направени валидациони серии на вакцината во Институтот Торлак. Тие во рок од неколку дена, ќе бидат испратени назад во Русија за анализа спроведена од реномираниот институт Гамалеја , објасни Поповиќ.
-Испитувањето на пристигнатите примероци во институтот„ Гамалеја трае 21 ден. Откако ќе се потврди нивната исправност, руската страна ќе започне редовна испорака на поголеми количини на супстанцата што се користи за производство на вакцините во Србија. Почетокот на производството на вакцината во Институтот Торлак е планиран до 20 мај , кажа Поповиќ.
Тој посочи дека „првата фаза“ на производството на руската вакцина во Србија вклучува транспорт на супстанцата, полнење шишиња во согласност со највисоките технолошки стандарди, пакување и дистрибуција на вакцините во Србија и регионот.