Корал Фуелс ДООЕЛ Скопје, како подружница на Coral S.A., започна со работа со првите две бензински станици под брендот Shell во земјава, лоцирани на автопатот Пријателство, кај Смоквица, близу границата со Грција.

Корал Фуелс влегува на пазарот во Македонија преку обезбедување долгорочни договори за лиценца на брендот Shell. Договорот вклучува поддршка и трансфер на „know-how” поврзани со горивата, примена на нови технологии, воспоставување услуги и маркетинг со високи стандарди. Достапни се бензинот Shell Fuelsave Unleaded 95, безоловен бензин 98-октански V-Power и Shell Fuelsave Diesel.

Корал Фуелс, информираат од компанијата, има намера во следниот период да инвестира со планиран раст низ целата земја со отворање нови централно лоцирани бензински станици, преку кои ќе им обезбеди квалитетна услуга на своите клиенти.

Матичната компанија Coral S.A. (поранешна Shell Hellas SA) работи во Грција од 1926 година. Со околу 750 бензински станици кои работат под брендот Shell, компанијата има удел на пазарот што надминува 23 отсто и е лидер на пазарот во Грција. Coral S.A. ја поседува лиценцата Shell за пазарите Кипар, Србија и Хрватска. Компанијата има за цел да расте како регионален играч на Балканот, обезбедувајќи горива и услуги со врвен квалитет под брендот Shell.