Соединетите Американски Држави вчера го прогласија градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко за персона нон грата поради неговата вмешаност во значителна корупција, со што ќе добие забрана за влез во САД.
Како што соопшти Стејт департментот, Мерко како градоначалник на Струга присвоил средства и се мешал во судски и други јавни процеси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во демократските институции и функционери на Македонија.
„Денешната акција испраќа порака дека Соединетите Американски Држави стојат со С.. Македонија во промовирањето на стабилноста преку зајакнување на демократските институции и решавање на недостатоците поврзани со владеењето на правото“, посочува Стејт департментот.
Со ова, како што е наведено, се потврдува посветеноста на САД во борбата против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја ограничува способноста на владите ефикасно да одговорат на потребите на својот народ.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари синоќа побара од градоначалникот Мерко да си поднесе оставка од функцијата, откако беше ставен од американскиот Стејт Департмент на црната листа на САД.
-Јас да бев на местото на Рамиз Мерко, вечерва веднаш би дал оставка и ќе оставам друго лице да раководи со општината. Мора да се расчисти со ова. Од друга страна правосудните органи не реагираат и причина за тоа е што власта има инсталирано свои луѓе во правосудните органи. ДУИ 20 години владее со тие институции со свои луѓе. Ние како политичка партија секогаш сме гласни кога станува збор за корупцијата, рече Таравари во емисијата „Клик плус“.