На денешен ден, 15 јуни 1882 год. во Кратово е роден истакнатиот македонски револуционер, анархист и еден од Гемиџиите – оние кои се арчеа за Македонија, ПАВЕЛ ШАТЕВ.
Подоцна станува еден од основачите на ВМРО (Обединета) која се борела за независна и обединета македонска држава, а по ослободувањето на Македонија – прв министер за правосудство.
Основно училиште завршува во родното Кратово, а потоа се запишува во прогимназијата во Скопје. Во 1896 година своето образование го продолжува во Солунската машка гимназија, која ја завршил во 1900 година.
Истовремено се приклучува на анархистичкиот кружок на Солунските атентатори – Гемиџиите, кои одлучиле самостојно со анархистички акции да дејствуваат за ослободување на Македонија.
На крајот на април 1903, Гемиџиите три дена со бомби и динамит ќе го дигнат во воздух Солун, удирајќи по турската тиранија, но и по дволичноста на вавилонската блудница Европа, по чии финансиски интереси тие ќе удрат во Солун, за да го свртат нејзиното внимание кон македонското прашање и кон угнетувањето и теророт кои ги преживувале Македонците во Отоманската империја.
Гемиџиите копнееја за еден друг свет, свет без робови и господари, во кој Македонците ќе бидат свои на своето, во слободна Македонија.
Шатев бил задолжен да го уништи со динамит францускиот брод “Гвадалкивир“. Акцијата е успешно извршена, при што бродот бил запален, и морал да се врати во пристаништето, а сите патници биле спасени.
Тој е еден од четворицата Гемиџии кои ќе останат живи по атентатите. Уапсен е заедно со Милан Арсов, Георги Богданов и Марко Бошнаков, и на судскиот процес на 6 јуни 1903 год. сите се осудени на смртна казна.
Исчекувајќи го три години извршувањето на смртната казна во солунскиот затвор Еди Куле, на 23 април 1906 година, смртната казна им е заменета со доживотен затвор во Фезан, Африка.
Четворицата млади Македонци биле испратени пешки, оковани во синџири, на долго патување низ африканските пустини, својата робија да ја служат во Африка, во областа Фезан во Либија.
За време на отслужување на казната, од туберкулоза и глад во Африка ќе починат двајца од гемиџиите, Марко Бошнаков и најмладиот Милан Арсов.
По Младотурската револуција во 1908 година, сите политички затвореници осудени од султановата власт биле помилувани, меѓу нив и двајцата преживеани гемиџии Павел Шатев и Георги Богданов.
Во знак на почит кон своите двајца починати гемиџиски браќа, бидејќи не биле во можност да им ги земат двете тела, Шатев и Богданов ќе ги откопаат само нивните черепи, ќе ги стават во јодоформ за да ги заштитат, и потоа ги сместиле во две тенеќени кутии и херметички ги затвориле.
Шатев и Богданов после долг пат од Африка, ќе ги донесат главите на Бошнаков и Арсов и ќе ги предадат на нивните семејства за да бидат закопани дома. Ќе ги донесат да почиваат во родната МАКЕДОНИЈА
По кусиот престој во Македонија, Павел Шатев заминува во Брисел, каде студира на Правниот факултет.
Во текот на Првата светска војна е мобилизиран во бугарската војска, а по војната активно се вклучува во политичкиот живот на македонската емиграција во Бугарија.
Во декември 1921 година, на Основачкиот конгрес на Македонската емигрантска федеративна организација (МЕФО) во Софија, е избран за нејзин претседател.
Во 1924 година Шатев игра важна улога во потпишувањето на Мајскиот манифест за обединување на сите македонски револуцинерни сили, а од 1925 година активно учествува во дејствувањето на ВМРО (Обединета), која била формирана од македонски патриоти, за борба за независна и обединета македонска држава.
ШАТЕВ ПРВ ИМ ЈАВУВА НА РУСИТЕ ЗА ГЕРМАНСКИОТ НАПАД НА СССР
Во 1940 година Павел Шатев станува професионален разузнавач за СССР.
Во Софија со него контактирале советскиот воен аташе Бенедиктов кој му рекол дека ја знае целата негова револуционерна историја и му понудил да работи за советската служба. Како човек за врска му бил доделен младиот мајор на НКВД – Савченко.
Искусниот македонски револуционер најверојатно бил избран од Советите затоа што познавал многу луѓе и имал контакти со видни личности во тогашна Бугарија.
Шатев поминал низ обука за разузнавање, го научиле како да шифрира податоци и му дале на врска еден телеграфист преку кого требало да контактира со Советите.
На 20 јуни ј1941 Павел Шатев кој бил заведен под псевдонимот „Коста“ прв ги известил Русите дека нападот на Германија врз Советскиот Сојуз ќе се случи или следниот ден на 21, или на 22 јуни. Истиот ден пристигнал и радиограм од еден од најпознатите светски разузнавачи Зорге со предупредување дека војната не може да се избегне“, стои во книгата на Жорес и на Рој Медведеви, советски интелектуалци, научници и автори на книгата „Непознатиот Сталин“.
Како дознал Шатев за нападот, успевајќи информацијата да ја достави до Кремљ неколку часа пред радиограмот на Зорге, останува мистерија.
Во ноември 1941 година Павел Шатев е уапсен од бугарската фашистичка полиција, а во јуни 1942 година во голем судски процес е осуден на 15 години затвор.
Откако на почетокот на Септември 1944 руските тенкови стигнале на границите на фашистичка Бугарија, Бугарите уплашени дека Црвената Армија ќе ја прегази Бугарија, решиле да ја сменат страната во војната, и од сојузници на Хитлер тие му свртеле грб, без отпор се приклучиле на антифашистичкиот сојуз и му објавиле војна на нивниот довчерашен сојузник Хитлер.
Веднаш потоа прогласиле амнестија за политичките затвореници, и на 8 Септември 1944 Павел Шатев ќе биде ослободен.
Истиот Септември 1944 Павел Шатев е еден од 30-мината потписници на „АПЕЛОТ ДО МАКЕДОНЦИТЕ ВО БУГАРИЈА“.
Апелот започнува со реченицата:
„МАКЕДОНСКИОТ НАРОД е водил и води епични борби за своето национално ослободување“.
Во апелот Македонците се повикуваат да ги продолжат идеалите и борбата на Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански, Ѓорче Петров, Димо Хаџи Димов за ослободување на Македонија.
Во апелот се поддржува и првото заседание на АСНОМ одржано во Август 1944, кое предвидело Македонците да имаат полно самоопределување за својата идна држава.
Во апелот Македонците во Бугарија се повикуваат со оружје во рака да се приклучат на борбата за ослободување на Македонија, заедно со новосоздадениот антифашистички фронт во Бугарија (Бугарите откако ги виделе руските тенкови на нивните граници на почетокот на Септември 1944, веднаш ја смениле страната во војната, и од сојузници на Хитлер, се прогласиле за негови непријатели и и објавиле војна на Германија, во стилот на познатото бугарско мото во политиката – „На каде дувне ветерот“).
По капитулацијата на Бугарија, Павел Шатев во септември 1944 година се враќа во Македонија и се вклучува во политичкиот живот на Македонската држава.
На 27 октомври 1944 година е кооптиран за делегат на Антифашистичкото Собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ). На Второто заседание на АСНОМ, одржано на 30 декември 1944 година, е избран за член на Президиумот на АСНОМ, а во април 1945 година станува прв министер за правосудство во првата Влада на слободна Македонија. На таа функција останува една и пол година, до изборот на нова влада, на 31 декември 1946 година.
Шатев како и многу тогашни македонски патриоти влегуваат во судир со тогашното комунистичкото раководство на Македонија предводено од Лазар Колишевски.
По донесувањето на Резолуцијата на Информбирото, Шатев и Брашнаров како блиски до Советскиот Сојуз доаѓаат во судир со тогашното комунистичко раководство на Југославија.
На 1 октомври 1948 година, заедно со Панко Брашнаров, до ЦК на Советската комунистичка партија упатува доверливо писмо во кое се тврди дека “прашањето за обединување на Македонскиот народ уште од самиот почеток било поткопано поради неговото неправилно поставување од страна на ЦК КПЈ во смисла обединета Македонија да се присоедини кон Југославија, без да се води сметка за посебните, специфични услови…“
На 16 јуни 1949 година Шатев е уапсен “како непријател на државата“ и набрзо, на 27 јуни, му е одземен пратеничкиот имунитет. Во истражниот затвор во Скопје е задржан 11 месеци, до мај 1950 година, по што е испратен во Битола, во домашен притвор. Лишен е од контакти со надворешни лица и држан е во тешки услови за живот.
Набрзо се разболува и бидејќи не му било дозволено да се лекува, умира на 30 јануари 1951 година.
Властите не дозволуваат да биде погребан во родното Кратово. Закопан е на битолските гробишта, без дозвола на погребот да присуствуваат неговите најблиски.
Павел Шатев ќе напише: “Да се создаде едно самостојно политичко постоење како единствен Македонски народ, слободно да се развива во културно-просветна смисла, да соработува во политички и економски однос со сите други народи во балканските држави, беше заветуван сон, фантазија за секој Македонец. И сега, смело можеме да изјавиме, сметајќи дека го изразуваме мислењето скоро на сите Македонци, дека нема поголемо морално задоволство за Македонците од тоа, Македонскиот народ да биде во неразделни културни, политички и економски врски со народите на балканските држави, но истовремено е јасно и за последниот Македонец, за да може македонското население правилно да се развива културно, политички и социјално, потребно е Македонија да се одвои во одделна политичка единица, во одделна држава… Идеалот на Македонецот е создавање на една Татковина, оделна Македонска држава, со Македонска нација, со своја историја и со свој самостоен политички и културен живот…“
Шатев е автор на мемоарското дело: „Во Македонија под ропство – Солунскиот заговор (1903) .“
ВЕЧНА МУ СЛАВА НА ГОЛЕМИОТ МАКЕДОНСКИ РЕВОЛУЦИОНЕР!