На 17 април 1898 г. во Ќустендил починал Илија Марков Малешевски познатиот Дедо Иљо од Берово, за чија година на раѓање има различни податоци, а се смета дека е можно да е роден во 1805. Сепак, тоа останува спорно бидејќи тоа би зналечо дека на 70 и повеќе години се борел во Кресненското востание.
Станува збор за силна, храбра, справедлива, горда, горостасна личност од македонската историја која има заслуги за севкупните ослободителни борби на Балканот против османлиското владеење. Се борел за ослободување на Македонија, Србија и Бугарија, а со својата чета учествувал во Македонското востание во 1878 подигнато во Кресна.
Неговата сестра Марија Маркова – Поп Георгиева како бајрактар на Дедо Иљовата дружина учествува во истите борби. Во 1853 г. со пушка в рака, како борец во Македонскиот батаљон предводен од Иљо војводата, Марија учествува во Кримската војна.
Неговото семејство, сопругата Стојанка – Цона, ќерката и двете малолетни машки деца, Османлиите ги интернираат во Скопје. Притоа, Иљовата сопруга и ќерката маченички ги положиле своите животи поради неговата борба за правата на народот.
Таа лична трагедија не го поколебала на неговиот борбен и справедлив пат. Неговите синови продолжиле по истите стапки на борбата. Разочаран од тоа што Македонија не добила поткрепа од Големите сили да биде слободна како и другите балкански народи, се повлекол во Ќустендил.
Умрел во голема сиромаштија, огорчен и на српските и на бугарските власти кои го употребиле за свои цели. Неговата најдлабока болка била што не ја видел слободна својата Македонија. Вечна слава.