На денешен ден
19 октомври 2018
1216.- Умрел англискиот крал Џон Без Земја, младиот син на Хенри II, кој во 1215 година морал да ја потпише големата повелба за слобода во Англија „Magna kartа libertatum“. Со повелбата била ограничена власта на кралот и воспоставени биле основните англиски уставни и јавни права.
1735.- Роден е Џон Адамс, втор по ред претседател на САД (1797-1801 г.). Умрел на 4 јули 1826 година.
1745.- Во Даблин умрел Џонатан Свивт, најголем англиски сатиричар, еден од најостроумните критичари на човековата природа и на општествените процеси. Неговото најпопуларно дело, фантастичниот роман „Гуливеровите патувања“, претставува сатира на политичките прилики на Велика Британија и прераснува во потсмев на целиот човечки род и на неговите установи. Познати се и неговите дела „Битка на книги“ и „Приказна за бурето“. Роден бил во Даблин, на 30 ноември 1667 година.
1864.- Роден е францускиот хемичар и индустријалец Огист Лимијер, кој заедно со својот брат Лујем ја направил првата филмска камера и во Лион основал фабрика за изработка на фотографски материјали. Браќата ја откриле постапката за снимање во природни бои и во париската кафеана „Гран кафе“ на 28 декември 1895 година ја приредиле првата филмска претстава во светот – „Влез на воз во станица“, „Работници излегуваат од фабрика“.
1972.- Во Нов Јужен Велс во Австралија бил пронајден „Холтерманов грумен“, плоча со тежина од 235,14 килограми, во која имало 82,11 килограми злато, најголема пронајдена количина на злато.
1875.- Умрел англискиот физичар Чарлс Витстон, пионер во телеграфијата. Го пронашол методот за одредување на електричниот отпор („Витстонов мост“), а ги истражувал и електрицитетот, светлината и звукот.
1899.- Во Сиудад Гватемала е роден Мигул Анхел Астуријас, гватемалски писател. Неговиоте дела имаат социјална обоеност зашто во нив ги прикажува тешките општествени и економски проблеми во својата земја. Познати негови дела се „Господинот претседател“, „Пченкарни луѓе“, трилогијата „Ураган“, потоа „Зелениот папа“, „Очите на закопаните“, „Викенд во Гватемала“ и други. Во 1966 година ја добил Лениновата награда за мир, а во 1967 годија ја добил Нобеловата награда за литература. Умрел во Мадрид, Шпанија, на 9 јуни 1974 година.
1919.- Во Кочани е роден Благој Попов, носител на „Партизанска споменица 1941“, повеќе години истакнат македонски раководител, познат како успешен претседател на Собранието на градот Скопје во времето на земјотресот во 1963 година и обновата на градот и како еден од претседателите на Извршниот совет на Собранието на Социјалистичка Република Македонија.
1924.- Во Галичник е роден д-р Владимир Брезовски, истакнат македонски историчар, автор на стотина трудови, научен советник во Институтот за национална историја во Скопје. Најпознат бил како долгогодишен раководител на Одделението за документација на Институтот за национална историја. Умрел на 6 јануари 1983 година.
1931.- Роден е англискиот писател Дејвид Џон Мур Корнвел, познат како Џон Ле Каре, мајстор на модерниот шпионски роман. Дела: „Војна во огледало“, „Малиот град во Германија“, „Наивен и сентиментален љубовник“, „Момче, дама, крал, шпион“, „Благородниот ученик“, „Панамскиот кројач“, „Чист шпион“.
1937.- Умрел новозеландскиот физичар од англиско потекло Ернест Ратерфорд, добитник на Нобеловата награда за хемија во 1908 година, еден од втемелувачите на модерните атомски теории. Најмногу се занимавал со природната радиоактивност и фундаменталното истражување во таа област откривајќи три типа радијација кои ги означил како алфа, бета и гама зраци.
1954.- Склучен бил англо-египетскиот договор за повлекување на британските трупи од зоната на Суецкиот канал во рок од 20 месеци.
1957.- Сојузна Република Германија ги прекинала дипломатските односи со Југославија затоа што Белград ја признал Демократска Република Германија. Односите биле обновени во февруари 1968 година, во време кога шеф на бонската дипломатијата бил Вили Брант.
1987.- Во сударот на два патнички воза во предградието на Џакарта загинале 102 и биле повредени повеќе од 5.000 луѓе.
1987.- На њујоршката берза „Дау Џонс“ вредноста на акциите во текот на еден ден паднала на рекордни 508 поени, односно 22,6 отсто, што било запаметено како „Црн понеделник“.
1991.- Одбележана била 800-годишнината од живописувањето на црквата „Свети Ѓорѓи“ во селото Курбиново, Ресенско. Зографирањето на црквата почнало на 15 април 1191 година.
2001.- Најмалку 350 луѓе, повеќето ирачки бегалци, загинале кога во близна на брегот на Јава потонал пренатрупаниот број кој од Лампунг на индонезискиот остров Суматра испловил во правец на Австралија.
2003.- Во Сараево починал поранешниот претседател на Босна и Херцеговина Алија Изетбеговиќ. На првите повеќепартиски избори во БиХ Изетбеговиќ бил избран за член на Претседателството на СР БиХ, а на 19 декември 1990 за претседател на Претседателството на СР БиХ. Тој бил еден од потписниците на Дејтонскиот мировен договор со кој била завршена војната во БиХ заедно со претседателите на Хрватска и на Србија, Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман. Изетбеговиќ бил роден на 8 август 1925 година во Босански Шамац.
2003.- Папата Јован Павле Втори со свечената процесија што се одржала на плоштадот „Свети Петар“ во Рим, ја беатифицирал, односно ја прогласил за блажена Мајка Тереза, што бил последниот чин пред нејзиното прогласување за светица.