На денешен ден
9 октомври 2018
– Денеска е Светскиот ден на поштите.
1547.- Роден е Мигуел де Сервантес, прочуен шпански писател, автор на првиот реалистички роман во шпанската литература, ненадминатиот „Дон Кихот“. Овој роман е преведен на сите светски јазици. Ги напиша и романите “Галатеу” и „Персилеса и Сигисмунду“. Умрел во Мадрид, на 23 април 1616 година.
1757.- Роден е францускиот крал Шарл X, кој на престолот седна во 1824 година, а во 1830 година бил соборен во Јулската револуција, по обидите да ја обнови апсолутната монархија. Неговиот брат Луј XVI бил убиен во 1793 година во Француската револуција.
1806.- Прусија и објавила војна на Франција, во која била поразена и загубила делови западно од Лаба и од Полска.
1831.- Убиен бил првиот претседател на Грција, Јоанис Каподистријас, еден од водачите во борбата за независност од Отоманското царство. Во 1809 година стапил на служба во Руското царство и бил претставник на Русија на Виенскиот конгрес и шеф на руската дипломатија од 1815 до 1822 година. По враќањето во Грција, учествувал во борбите за ослободувањето. Во 1827 година дошол на власт, а бил убиен во атентат.
1854.- Во селото Идвор, во Банат, е роден Михајло Пупин, научник од светски глас. Со своите пронајдоци во областа на електрониката, жичната и безжичната телеграфија, станал познат во целиот свет. Најголема слава и признание му донесле „Пупиновите калеми“ со кои се овозможува пренос на телефонските разговори на големи далечини. Умрел во Њујорк, на 12 март 1935 година.
1876.- Британскиот физичар, пронаоѓач на телефонот и учител на говорот на глувите Грахам Бел (1847-1922), кој подолго време живеел во САД, ја воспоставил првата меѓународна телефонска врска меѓу Бостон и Кембриџ.
1892.- Роден е српскиот писател од хрватско потекло Иво Андриќ, единствен добитник на Нобеловата награда за литература од поранешната СФР Југославија, брилијантен стилист. Најзначајни дела: „Мостот на Дрина“, „Травничка хроника“, „Госпоѓица“, „Омер-паша Латас“, „Екс Понто“, „Проклета авлија“, есеите „Знаци покрај патот“ и други. Починал на 13 март 1975 година, во Белград.
1894.- Во Петроград е роден академикот проф. д-р Владимир Мошин, еден од најголемите проучувачи и познавачи на македонската средновековна уметност и култура. Покрај неговата дејност во Загреб и во Белград, бил раководител на историското одделение при Архивот на СР Македонија, професор на Филозофскиот факултет во Скопје и долгогодишен раководител на Катедрата за словенска култура при Институтот за проучување на словенската култура во Прилеп. Умрел во Скопје, на 3 февруари 1987 година.
1906.- Роден е сенегалскиот државник, филозоф и писател Леополд Седар Сенгор, член на Француската академија и претседател на Сенегал од 1960 до 1980 година. Дела: „Нова антологија на црнечките и малгашки поезии“, „Слобода I: Царство и хуманизам“, „Слобода II: Нација и африканскиот пат во социјализмот“ и други. Сенгор бил носител на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.
1908.- Роден е францускиот фимски режисер и актер од руско потекло Жак Татишчев, познат како Жак Тати, поетски сатиричар на филмското платно. Филмови, режија и глума: „Празничен ден“, „Одморот на господин Илоа“, „Мојот вујко“ (Оскар), „Сообраќајна бркотница“.
1934.- Во соработка меѓу македонските и хрватските револуционерни организации, Владо Черноземски извршил атентат врз југословенскиот крал Александар Први Караѓорѓевиќ, поради неговата хегемонистичка политика на Балканот. Во атентатот во францускиот град Марсеј, Черноземски го убил и францускиот министер за надворешни работи Луј Барту.
1940.- Роден е англискиот музичар Џон Ленон, автор на повеќето легендарни песни во изведба на поп групата „Битлси“.
1958.- Умрел папата Пие XII, од италијанско потекло, првосвештеник на Римокатоличката црква од 1939 година. Бил поддржувач на италијанските фашисти и германските нацисти.
1962.- Африканската држава Уганда станала независна по безмалку 70 години британска колонијална управа.
1963.- Повеќе од 2.000 луѓе загинале по пукнувањето на 300 метри високата брана „Вајонт“ кај Белуна, во североисточна Италија.
1967.- Убиен бил аргентинскиот револуционер Ернесто „Че“ Гевара, симбол на револуцијата во Јужна Америка, но и ширум светот особено меѓу младите. Дипломирал медицина во Буенос Аирес во 1953 година. Во Мексико се запознал со Фидел Кастро. Бил министер за земјоделство, а Куба ја напуштил во 1965 година. Во Боливија, сакајќи да го поведе народот во востание за ослободување на Јужна Америка од доминацијата на САД и домашната олигархија, бил убиен. Дела: „Спомени за кубанската револуција“, „Дневник од Боливија“. Бил роден на 14 јуни, 1928 година, во Розарио, Аргентина.
1967.- Во Собранието на СР Македонија, под претседателство на д-р Милан Бартош, била одржана седница на Матичната комисија за формирање на Македонската академија на науките и уметностите, на која било извршено конституирање на МАНУ. За претседател на МАНУ бил избран Блаже Конески (до 1975), редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје, за потпретседател д-р Харалампие Поленаковиќ, редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје, а за секретар Ѓорѓи Филиповски, редовен професор на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје.
1968.- Во Париз умрел Андре Мороа, француски писател, автор на најголем број романи и романизирани биографии за Дизраели, Бајрон, Волтер, Тургенев и други. Роден бил на 26 јули 1885 година.
1974.- Во Скопје свечено била предадена во употреба новата зграда на Театарот на народностите.
1975.- На советскиот физичар Андреј Сахаров му била доделена Нобеловата награда за мир поради неговите „бестрашни напори за мир во светот и правдата за сите во светот“, се вели во образложението на Комитетот за Нобеловата награда. Меѓутоа, во изјавата на 72 советски научници, што била објавена на 25 октомври, се осудувала одлуката Нобеловата награда да му се додели на Сахаров.
1983.- Во експлозија на бомба во главниот град на Бурма, Рангун, за која Јужна Кореја ги обвинила севернокорејските агенти, биле убиени 18 јужнокорејски функционери, вклучувајќи и четири клучни министри, меѓу кои и шефот на дипломатијата Ли Бум Сук.
1995.- Собранието на Република Македонија ја ратификувало Привремената согласност меѓу Македонија и Грција.
1995.- Во Скопје умрел Миодраг Друговац, македонски поет, есеист, критичар, книжевен историчар, аналитичар, антологичар, преведувач и новинар. Неговото книжевно-научно и книжевно-критичко дело е мошне обемно. Најзначаен е неговиот пионерски труд „Историја на македонската литература – 20 век“. Роден бил во селото Друговац, кај Пожаревац, во Србија, на 12 октомври 1928 година.
1997.- Повеќе од 200 луѓе загинале во ураганот „Паулина“ во мексиканското летувалиште Акапулко.
1999.- Во Охрид, митрополитот брегалнички г.г. Стефан (Стојан Велјановски) бил избран за поглавар (петти по ред) на Македонската православна црква. Пред него поглавари на Македонската православна црква биле: г.г. Доситеј (Димитар Стојановски), г.г. Ангелариј (Цветко Крстевски), г.г. Гаврил (Ѓорѓи Милошев) и г.г. Михаил (Методи Гогов).
2001.- Претседателот на Република Македонија Борис Трајковски потпишал изјава со која се потврдувала намерата за амнестија на припадниците на таканаречена ОНА, кои доброволно го положиле оружјето во рамките на мисијата на НАТО „Неопходна жетва“, заклучно со 26 септември 2001 година.
2003.- Умрел францускиот филозоф и теоретичар Жак Дерида, познат по концепцијата „деконструкција“. Покренал широка критичка расправа за филозофијата и бил еден од иницијаторите на познатата париска група „Тел-куел“. Дела: „Пишување и разлики“, „За граматологијата“, „За духот“ и други.
2004.- Во Авганистан првпат биле одржани директни претседателски избори.
2012.- Научниците од Франција и САД, Серж Арош и Дејвид Вајнленд ја добиле Нобеловата награда за физика за откритието на начинот на мерење на квантните честички без нивно уништување, што претходно се сметало за невозможно. Нивната работа може да доведе до создавањето нов вид супер брзи компјутери што ќе се темелат врз квантната физика, соопштила Шведската кралска академија за науки, која наградата од осум милиони шведски круни (1,2 милиона долари) им ја додели на Арош и Ванјленд.
2013.- На 77-годишна возраст починал претседателот на Европската народна партија (ЕНП) и поранешен белгиски премиер, Вилфрид Мартенс. Мартенс бил политичарот со најдолг премиерски стаж во белгиската историја. Во периодите од април 1979 до март 1981 и од декември 1981 до март 1992 година, тој предводел девет белгиски влади на различни коалиции.
2013.- Почина Стеван Ацевски – Стевче, филмски работник. Ацевски студирал на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград во класата организација. Од 1965 година работел за продукцијата на „Вардар филм“, во 1980-тите за продукцијата на „Авала филм“ – Белград, како директор на филм во копродукциите со италијански и американски партнери. Бил директор на филм на „Јад“ (1975), „Пресуда“ (1977), „Глава“ (1979), „Време, води“ (1980), „Јазол“ (1985), „Опасна баба“ (1985), „Хај фај“ (1987), „Викенд на мртовци“ (1988) и режисер на „Тумба Маџари“ (2001). Стеван Ацевски – Стевче бил роден во 1943 година.
2013.- Добитници на Нобеловата награда за хемија станале професорите Мартин Карплус, Мајкл Левит и Ариех Варшел за нивниот труд за развојот на модели на комплексни хемиски системи. Како што соопштил Институтот од Стокхолм, нивната работа послужила како основа за моќните софтверски програми, кои се користат за да ги објаснат и предвидат комплицираните хемиски процеси.
2014.- Познатиот хрватски актер Борис Бузанчиќ починал во Загреб на 85-годишна возраст. Познат бил по околу 500 театарски претстави, 12 телевизиски и 70 филмски улоги, вклучувајќи ги и ролјите во „Вело Мисто“, „Ветена земја“, „Операцијата Барбароса“, „Големи и мали“, „Маратонци“, „Бела Биондина“, „Маршалот“, „Офицер со роза“… Интересно е што во филмот „Вело Мисто“ толкувал улога на градоначалник, а потоа во 1990 година станал „прв човек“ на Загреб.Бузанчиќ бил роден на 13 март 1929 година во Бјеловар.