На денешен ден 1881.-Роден е Тодор Александров (Ново Село, Струмичко, 4. III 1881 – с. Сугарево, Мелничко, Пиринскиот дел на Македонија, 31. VIII 1924) – еден од водачите на ВМРО.

Завршил Педагошко училиште во Скопје (1898), кога и се вклучил во ТМРО. Бил учител и раководител на месните комитети во Кочани, Виница, Кратово, Ново Село и Штип, секретар на четата на штипскиот војвода Мише Развигоров (1905) и на кочанскиот околиски војвода Симеон Георгиев-Кочански (1907), окружен војвода на Скопскиот револуционерен округ (1907), член на ЦК на ВМРО (1911), член во Штабот на III македонска бригада во Балканските војни и во Штабот на партизанската чета на III бригада на XI македонска дивизија во Првата светска војна.

По војната, заедно со Протогеров и П. Чаулев, ја обновил организацијата под името ВМРО (1919) и во 1920 ја зацврстил во Пиринскиот дел на Македонија, каде што создал организациона и воена база и оттаму ги обновил вооружените четнички акции во Вардарскиот дел на Македонија. Дејствувал против политиката на Земјоделската влада на А. Стамболиски за зближување со Кралството СХС.

Го потпишал Мајскиот манифест за обединување на македонските револуционерни сили во единствен македонски револуционерен фронт (1924), но (пред убиството) јавно се откажал од својот потпис.

Една од првите одлуки што ги донел како водач на ВМРО била да се додели пензија на таткото на Гоце Делчев, Никола. Всушност тоа е одлука на ЦК на обновеното ВМРО по Првата светска војна, во јануари 1919 година, кога ВМРО го презема Тодор Александров, во почеток заедно со Протуѓеров и Чаулев.

Месечната помош, според одлуката на Централниот Комитет е дека „ќе му се дава сè до создавање подобри услови за живот, а поради големото поскапување на животот“, што оневозможувало Никола Делчев да го прехранува своето семејство со неговата мала, народна пензија.

Месечната помош што била одредена од ВМРО на Александров изнесувала 500 лева. За жал, Никола Делчев не ја користел помошта долго време, бидејќи починал наредната 1920 година.