Денешниов ден во македонската историја и литератира е запишан како роденден на македонскиот поет Никола Јонков Вапцаров и ден за сеќавање на смртта на македонскиот поет и лингвист, академик Блаже Конески.

Вапцаров е роден во Банско во Пиринска Македонија, а академик Конески на истиов ден почина во Скопје.

На 7 декември е роден Никола Јонков Вапцаров, македонски и бугарски поет и револуционер. Тој е еден од организаторите на Македонскиот литературен кружок во Софија, во кој беа опфатени повеќе млади македонски литературни творци. Го стрелаа бугарските фашисти во Софија, на 23 јули 1942 година.

Поопширно за Вапцаров може да прочитате во Денешен на овој ЛИНК.

 

На 7 декември 1993 година во Скопје почина Блаже Конески, академик, еден од најистакнатите македонски културни дејци, писател, врвен поет и научник, чие творечко истражување даде огромни резултати во македонската литература, во областа на граматиката и во историјата на македонскиот јазик и во областа на културната историја на македонскиот народ.

Тој е прв претседател на Друштвото на писателите на Македонија, прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите, почесен доктор на Чикашкиот универзитет и на Универзитетот во Врацлав.

Негова прва книга е поемата Мостот, ја објави непосредно по војната во 1945 година, а потоа ги објави делата Земја и љубовта, Песни, Везилка, Лозје, Записи, Стари и нови песни, Чешмите, Послание, Светото на песната и легендата и други.

Автор е на повеќе значајни трудови, меѓу кои и на Граматика на македонскиот јазик, Историја на македонскиот јазик, Македонскиот јазик во развојот на словенските литературни јазици и јазикот на македонската поезија.

Покрај другите награди, добитник е на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 1981 година. Роден е во селото Небрегово, Прилепско, на 19 декември 1921 година.

(Подготвил: Д. Г.)